Општини
Станоиздавачите од Охрид да ги продолжат решенијата за категоризација на сместувачките капацитети
Општина Охрид упати повик до станоиздавачите да ги ажурираат односно да ги продолжат решенијата за категоризација на сместувачките капацитети што се нудат под наем.
Станува збор за сите физички лица кои вршат угостителски услуги од мал обем за сместување во куќи, апартмани, соби и станови за одмор, а се регистрирани во регистарот што го води Градоначалникот на Општина Охрид.
Согласно Законот за угостителска дејност, станоиздавачите се должни да го продолжуваат Решението за категоризација на секои три години, во рамки на неговата важност.
За таа цел, приватните станоиздавачи потребно е да поднесат Барање за продолжување на решението за категоризација во просториите на Одделението за туризам – Сектор ТЛЕР при Општина Охрид.
Од Општина Охрид посочуваат дека доколку не се почитува пропишаната законска процедура, физичките лица кои вршат угостителска дејност без потребната документација ќе бидат предмет на инспекциски надзор.
Општинските овластени инспектори за туризам и угостителство најавуваат засилени контроли, при што ќе се постапува согласно прекршочните одредби од Законот за угостителска дејност.
јануари 29, 2026

