Connect with us

Регион

Повеќемесечно истекување на пропан по контакт со искра од електромеханичка опрема причина за експлозијата во фабриката во грчкиот град Трикала

Подземното повеќемесечно истекување на пропан што дошол во контакт со искра предизвикана од електромеханичка опрема во фабриката е причината за експлозијата што се случи во понеделникот наутро во грчкиот град Трикала, во која животот го загубија пет работнички, информираше началникот на Националниот координативен центар за управување со кризи Анастасиос Михалопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Веднаш по експлозијата и пожарот истрагата ја презеде Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари (ДАЕЕ) на противпожарната служба, при што, како што соопшти Михалопулос, биле спроведени обемни увиди, мапирање на местото на настанот, собирање и лабораториско испитување на наоди, земање изјави од вработени, како и техничка процена на клучни инсталации и системи, со цел целосно да се утврди текот на настанот и условите под кои тој се случил.

Во рамките на техничката истрага беше утврдено дека постојат два надземни резервоари со пропан, со капацитет од 5.000 и 9.000 литри, на оддалеченост од околу 30 метри од местото на експлозијата, а на цевководите од помалиот резервоар имало мраз, што укажува на негова неодамнешна употреба.

– Поврзувањето на резервоарите се вршело преку подземни цевководи, кои минувале под асфалтирана површина и навлегувале во приземниот дел од објектот, снабдувајќи ги печките. По извршени специјализирани проверки со употреба на азот, беше утврдено истекување во земјата, по што беше направен засек и ископ на длабочина од околу 60 сантиметри, каде што беше откриено обемно истекување во земјата. Се проценува дека истекувањето било повеќемесечно, при што уредите за детекција регистрирале исклучително високи концентрации на пропан. Ова значајно истекување на пропан, преку земјата, се придвижило на растојание од околу 25 метри и се задржало во подрумски простор, каде што, во присуство на искра предизвикана од електромеханичка опрема на објектот, довело до експлозија, објасни началникот на Националниот координативен центар за управување со кризи.

Потсети дека за експлозијата се уапсени три лица „за дејствија и пропусти поврзани со кривични дела што се однесуваат на убиство од небрежност, тешки телесни повреди, подметнување пожар и експлозија, во деловен објект во општина Трикала“.

Според грчките медиуми, уапсени се сопственикот на фабриката, техничарот за безбедност при работа и дежурниот техничар кои денеска ќе бидат изведени пред јавен обвинител.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4