Општини
Отворен повик за 18. издание на проектот „Лидер“, кој ги охрабрува и ги поттикнува македонските претприемачи да развиваат локални бизнис-решенија
„Македонија 2025“ објави отворен повик за проектот „Лидер“, кој 18. пат ќе се одржи од 14 до 27 април 2026 година во Скопје. Проектот се реализира во соработка со Ivey Business School – Western University, кои ја организираат оваа програма уште од 1991 година. Програмата претставува десетдневна MBA (Master of Business Administration) обука, која ги охрабрува и поттикнува македонските претприемачи да развиваат локални бизнис-решенија што создаваат нови можности за социјален и економски развој.
Повикот е отворен до 15 март 2026 година, а на него може да се пријават учесници до 35 години, претприемачи, менаџери, сопственици на компании, млади професионалци од бизнис-сферата, како и сите заинтересирани што сакаат да ги продлабочат своите знаења од областа на бизнисот и претприемаштвото.
– Преку интерактивни методи на учење и работа со студии на случаи учесниците ќе имаат можност да стекнат дополнителни практични знаења и вештини за сите фази од развојот на бизнисот, вклучувајќи изработка на стратегија, финансии, маркетинг, промоција, продажба и раст, како и да го унапредат своето бизнис-размислување – велат од „Македонија 2025“.
Во текот на програмата, додаваат, учесниците ќе имаат можност и за индивидуални менторски сесии со инструктори од Ivey Business School и/или ментори обезбедени од „Македонија 2025“.
– Инструкторите на проектот ЛИДЕР доаѓаат од канадската Ivey Business School и ќе им помогнат на избраните кандидати да воведат нови бизнис-практики во работењето на своите постојни компании или да ги претворат своите идеи во одржливи и успешни бизниси – посочуваат од „Македонија 2025“.
јануари 29, 2026

