Забава
Кина очекува 9,5 милијарди патувања за време на пролетниот фестивал
Властите во Пекинг очекуваат рекордни 9,5 милијарди патувања за време на 40-дневниот кинески пролетeн фестивал, познат како Месечева или Кинеска Нова година, изјави денес функционер од Националната комисија за планирање на Кина.
Празничниот патувачки бран, вообичаено најголем во земјата во годината, често се смета за показател и за економијата во Кина, но и како тест за капацитетот на државниот превозен систем. Според владините процени, се очекува железниците да достигнат речиси 540 милиони патници, а воздушниoт сообраќај до 95 милиони, што би ги надминало претходните историски максимуми за овој период. Властите најавија зголемен промет на најполните рути и на најпопуларните дестинации поради зголемената побарувачка.
Инаку, повеќедневните празнувања на кинеската Месечева Нова година е продолжен на девет дена – од 15 до 23 февруари, во обид да се зголеми домашната потрошувачка.
Овие масовни патувања во Кина, познати како Чунјун, се сметаат за најголемото раздвижување на луѓе, воопшто на светско ниво, бидејќи стотици милиони луѓе се враќаат во своите родни места за да го поминат празникот со своите семејства. Кинезите организираат семејни собири, слават и со црвени украси, подароци во црвени пликови (хонгбао), а некои и со огномет.
Во Кина црвената боја се смета за симбол на среќа, напредок и заштита од лошата енергија.
Денот на Месечевата Нова година се менува секоја година бидејќи се заснова на месечевиот календар и обично датумот се паѓа меѓу крајот на јануари и средината на февруари. Секоја година е поврзана со еден од 12-те знаци на кинескиот зодијак и се верува дека знакот на таа година влијае на среќата, карактерот и на деловните можности во текот на следните 12 месеци.
јануари 29, 2026

