Connect with us

Општини

Јорданов: Во моментов нема одлука за затварање на основното училиште „Гоце Делчев“-Штип

Во моментов нема одлука од страна на општината и Советот на општина Штип за затварање на Општинското Основно училиште (ООУ) „Гоце Делчев“, вели градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов. Тој  денеска изјави дека во моментов се прави анализата врз основа на Стратегија за развој на воспитно-образовниот систем на територија на општината. Во опција се две решенија, едното е можно затварање на училиштето „Гоце Делчев“ и второто е да  се намали бројот на паралелки во сите училишта, а со тоа да се намали и бројот на наставен кадар или да се направи нова реонизација и да се донесе одлука одредени образовни институции да се централизираат. Штипскиот градоначалник Јорданов денеска потврди дека имал средби и состаноци со наставниот кадар од училиштето „Гоце Делчев“, а наредните денови ќе има и состанок со Советот на родители во ова училиште.

-Факт е дека во Општина Штип имаме вештачки паралелки, кои се со несоодветен број на ученици, односно под законскиот минимум. Стратегијата за оптимизација на ресурсите предвидува формулата за пресметка на блок дотациите кои Општина Штип ги добива од Министерството за образование и наука (МОН) е да се пресметува платата и блок дотацијата по број на ученици, а не по број на паралелки. На 1 септември ние ќе се соочиме со тоа дека ќе имаме помал број на паралелки, а со тоа и одлука што со наставниот кадар- вели Јорданов.

Јорданов посочува дека освен што има намален број на ученици во ООУ „Гоце Делчев“, ова училиште има и  пресудата за сегрегација. Јорданов вели дека ова како проблем мора да се реши, со цел да не се продлабочува во иднина и државата и општината да се изложуваат на финансиски трошоци, кои треба да ги подмируваат по основ на вакви пресуди, донесени од меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

-Треба да превземеме мерки во насока на спречување на идна сегрегација. Ова значи дека не смее да се дозволи во едно училиште да имаме чиста ромска паралелка или чиста македонска. Такви услови во ООУ „Гоце Делчев“ за жал нема и оваа сегрегација се продлабочува и овој проблем мора да се реши-рече Јорданов. 

Штипскиот градоначалник, Јорданов додаде дека  одлуката за спроведување на Стратегија за развој на воспитно-образовниот систем на територија на општината ќе зависи од повеќе фактори, односно од наставниците, родителите, ресорното министерство и општината.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4