Свет
Фицо најави тужба против уредбата за увоз на руски гас во ЕУ
Словачка ќе поднесе тужба до Судот на правдата на Европската Унија против уредбата REPowerEU, со која се предвидува забрана за увоз на природен гас од Русија од ноември 2027 година, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.
Според него, Словачка ќе го оспори законот поради кршење на принципите на супсидијарност и пропорционалност.
Слична тужба вчера најави и Унгарија.
Земјите членки на ЕУ вчера ја усвоија уредбата за постепено укинување на увозот на руски гас до 1 јануари 2027 година, со што беше овозможено планот да стапи во сила.
Новите правила вклучуваат и мерки за поефикасно следење и диверзификација на снабдувањето со енергија, а уредбата се оценува како клучна пресвртница во остварувањето на целта REPowerEU – целосно укинување на зависноста на ЕУ од руската енергија, се наведува во соопштението објавено на интернет-страницата на Европскиот совет.
Според уредбата, увозот на руски гас преку гасоводи и течен природен гас во ЕУ ќе биде забранет, а забраната ќе почне да се применува шест недели по стапувањето во сила на уредбата, при што постојните договори ќе имаат преоден период.
Во соопштението на Европскиот совет се наведува дека целосната забрана за увоз на руски течен природен гас ќе стапи во сила од почетокот на 2027 година, а забраната за гас преку гасоводи ќе почне да важи од есента 2027 година. Се додава дека земјите членки ќе ја проверуваат земјата на потекло на гасот пред да одобрат негов увоз во ЕУ.
јануари 28, 2026

