Вести
Андоновски: Со Нацрт-законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор се усогласуваме со директивата на ЕУ
Македонија со Нацрт-законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор се усогласува со директивата на Европската Унија и европските политики во оваа област. Покрај податоците што институциите ги создаваат во рамки на своите надлежности, се опфаќаат и податоците и научните информации од истражувањата финансирани од Буџетот. Тоа е важен исчекор – знаењето создадено со јавни средства треба да биде достапно и употребливо за поширок општествен и економски бенефит.
Ова денеска го соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на јавната расправа за Нацрт-законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор.
– За државата и институциите, ова значи системско поместување кон целосна отвореност: јасни обврски, стандарди и процес – навремено објавување, машински читливи формати, квалитет и употребливост. Кај динамичките податоци, целта е достапност веднаш по прибирањето, преку API и bulk download, секако со целосно почитување на заштитата на лични податоци, доверливоста и безбедноста. За граѓаните ова значи полесен пристап до информации и поголема отчетност. За медиумите и граѓанските организации – посилна алатка за анализа и надзор. За бизнисот и стартапите – можност да создаваат нови услуги врз основа на јавни податоци и да поттикнат иновации, конкурентност и нови работни места, рече Андоновски.
Клучно е, како што посочи, и начелото на повторна употреба: по правило, таа е слободна, бесплатна и не бара претходно одобрување, со ограничувања само по исклучок и под разумни услови, без нарушување на конкуренцијата.
– Денес, покрај расправата, сакам да нагласам и дека промовираме целосно редизајниран и технички унапреден Портал за отворени податоци — дата.гов.мк. Ова не е козметичка промена, туку сериозна модернизација, со што добивме значително поголема брзина и стабилност, но и клучно — повисоко ниво на безбедност. Заменет е и оперативниот систем, голем дел од старите екстензии беа нефункционални или без поддршка, па тие се преработени или изработени одново, а направена е и нова екстензија што е важно за подобро индексирање и видливост на порталот во пребарувачите. Како и комплетно нов, модерен дизајн и ново лого на порталот, рече Андоновски.
Тој најави дека во рамки на настанот ќе биде промовиран и МДТ AI Assistant на data.gov.mk – интелигентен чат-бот интегриран со порталот за отворени податоци, кој им овозможува на корисниците природна интеракција, полесно и побрзо да ги пронаоѓаат податочните сетови преку семантичко пребарување, како и автоматски да добијат објаснувања и насоки за користење на CKAN API. Изрази задоволство што ова решение е развиено како практична соработка – со ангажман на студентите-волонтери во Министерството за дигитална трансформација и партнерство со Македонски Телеком.
– Ова е шести закон од Поглавје 10 со кој Македонија се усогласува за помалку од една година — мерлив резултат и јасна посветеност. Но, денес не претставуваме „готова работа“. Напротив, ја отвораме расправата за да слушнеме што е применливо, што треба да се доработи и како најбрзо да стигнеме до систем што ќе функционира во пракса, потенцира министерот Андоновски.
Програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“ Данче Даниловска – Бајдевска информира дека тие се организатори на јавната расправа, заедно со Министерството за дигитална трансформација.
– Концептот на отворени податоци се темели на принципот на отворен пристап и служење на народот преку зајакнување на граѓаните, подобрување на бизнис околината и поттикнување на информиран општествен и економски развој. Во Македонија во 2011 година почна овој системски концепт да се решава, а во 2014 година да биде донесен Законот за употреба на податоци од јавниот сектор, рече Даниловска – Бајдевска. Додаде дека како Фонација од самиот почеток се вклучени во овој, како што рече, важен процес за нас.
Станислав Василковски од Министерството за дигитална трансформација имаше презентација на чат-бот (chat-bot) и надградба на порталот за отворени податоци.
јануари 28, 2026

