Connect with us

Вести

Сведоштва пред судот: Хаос, чад и паднати луѓе на излезот од дискотеката „Пулс“, операции, болки и несоница по пожарот

Повредени лица, кои ја преживеаја трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска сведочеа пред судот опишувајќи ја ноќта кога пламените јазици и чадот ја зафатиле просторијата преполна со гости. Нивните сведоштва ги доловија паниката и хаосот во критичниот моменти и ги открија последиците што ги носат до денес – физички повреди, операции и трајни болки.

Тоше Трендафилов, еден од повредените, раскажа како паднал на колена во метежот, бил газен и туркан, а двајца негови другари успеале да го извлечат надвор. Тој сведочеше дека претрпел сериозни повреди на раката, вратот и ушите за кои била потребна хируршка интервенција и дека и денес се соочува со болки и несоница.

Трендафилов, кој уште од 18 години го посетувал „Пулс“, а денес има 29, раскажа дека секогаш купувал билет на влезот, без да добие фискална сметка. Обезбедувањето постојано било сочинето од истите лица, познати во градот, а личен документ, како што рече, никогаш не му побарале.

– Црн чад се ширеше на плафонот и беше многу жешко, не се издржуваше температурата. Паднав на колена, почнаа да ме туркаат и да ме газат, почнав да повраќам, ја ставив маицата на лицето и веќе на ништо не се сеќавам. Двајца мои другари ме извлекле надвор – сведочеше Трендафилов.

Додаде дека полицијата не му укажала никаква помош кога излегол.

– Кога веќе излегов надвор, им подадов рака на полициските службеници и ми кажаа да се упатам надвор, да излегувам, не ми укажаа никаква помош – дополни тој.

Тој нагласи дека дискотеката била преполна, со многу малолетни лица, кои биле присутни, како што рече, „како и секоја вечер“.

– Беше многу полна, беа присутни малолетни лица како и секоја вечер, се знаеме, ги знаеме – рече сведокот.

Во сведочењето се осврна и на повредите што ги претрпел – операција на левата рака со пресадување кожа од ногата, оштетувања на ушите и вратот.

– Имам болки во раката, некогаш ми се враќа сеќавањето, не можам да спијам – одговори тој говорејќи за последиците од пожарот.

Трендафилов сведочеше дека има слушнато оти има и друг излез од дискотеката, но, како што рече, „имам слушнато дека го чувале затворен за кога ќе има рација да не бегаат малолетните од таму“.

Дополни дека делот наменет за гости, како што рече, „изгледаше многу добро, имаше тераси внатре, беше реновирано“.

На прашањето дали критичната вечер или која било друга вечер забавата била прекината од полиција, тој одговори негативно. Потврди дека била употребувана пиротехника.

Другиот сведок, Мартин Китанов, кој во дискотеката влегол со другарите околу 2 часот по полноќ, одговарајќи на прашања од Обвинителството, појасни дека купиле билет на влезот, но не се сеќава дали им била понудена или побарале фискална сметка.

Сведокот го објасни моментот на избувнување на пожарот и излегувањето надвор.

– Се забавуваме 15-ина минути и донесоа прскалки. По активирањето, не видовме ништо, бевме свртени со грб кон бината сè додека не кажаа на микрофон да излеземе оти нешто се случува и треба да излегуваме – рече сведокот.

Од активирањето на прскалките до моментот кога биле предупредени да излезат, сведокот рече дека поминале околу минута-две.

– Кога кажаа, се завртев, го зедов палтото и со другарите сите трчавме кон вратата. Беше хаос. До вратата стигнавме бргу, а огинот веќе направи линија и чувствувавме топлина на лицето и чад. Од таму веќе немаше излез, мрдавме по еден сантиметар со нозете. Кога излеговме на главната врата, веќе имаше паднати и јас лично се сопнав и, за среќа, паднав со рацете напред и почувствував дека врз мене паднаа повеќе лица и немаше веќе излегување. Цел ред лежевме пет луѓе и мислам дека откога ние паднавме, никој веќе не излезе – изјави сведокот.

Сведокот појасни дека лежел притиснат и почнувал да губи здив, но со надеж дека ќе го спасат.

– Имав многу јаки болки, прв што се обиде да ми даде помош е Лазар Захариев, но не успеа зашто бев притиснат од многу луѓе и почна да ги трга другите. Уште легнат видов двајца пожарникари и имав надеж дека ќе ме спасат. Многу беше лошо. Ми подадоа рака, почнаа да ме влечат, но не можеа. Веќе изгубив надеж, но се сетив на моите две деца и добив некако сила да продолжам да дишам и некој да ме спаси. Тогаш дојде едно момче и успеа да ме извлече до скалите со соблечени фармерки и патики – рече сведокот.

Кога излегол, сведокот објасни дека се погледнал во нозете и видел дека е цел во крв и кога седнал на тротоарот, само се вкочанил и не можел да мрда.

– Ми текна дека другар работи на бензиска. На бензинската седев и им ѕвонев на телефон на моите другари, но не ги добив. Не можев да си одам дома зашто не знаев што да им кажам на моите, на нивните. Се јавив на другар да дојде – рече сведокот.

Од петмина другари на масата во дискотеката, сведокот рече дека само тој останал, сите четворица почнале.

– Само јас успеав да преживеам и до ден-денеска не знам зошто не успеаја. Не бевме друштво што оди во дискотеки, но тој ден отидовме да прославиме – рече сведокот најавувајќи оштетено побарување и дека се приклучува на кривичниот прогон.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимални технички услови, со реконструкции, без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2