Економија
Стопанска комора: Блокадите на граничните премини не се решение, ќе го нарушат протокот на стоки и снабдувањето
Проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт (евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот) треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен Балкан во целост, е ставот на Стопанската комора на Северна Македонија.
Според Комората, блокадите не може да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници ќе бидат не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку и сите деловни субјекти влучени во надворешно трговската соработка.
Засега, оценува Комората, никој не може да каже колкави ќе бидат загубите зашто тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство поради недостаток на суровина,…, но, сигурно е, дополнува, дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес.
-Минатата недела, СКСМ, заедно со коморите од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија во кое укажавме дека очекуваме земјите-членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение. Ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на Европската Унија и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe. Моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Економиите на Западен Балкан, како кандидати и на јасен пат кон членство во Европската Унија, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕS, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика од другите трети земји, информира Комората.
Потсетува и дека ЕУ е нашиот најважен извозен пазар, со над три четвртини од вкупниот извоз на земјата.
-Затоа од наш стратешки интерес е да се одржи стабилноста на синџирите на снабдување и непречено да се одвива протокот на стоки, наведува Стопанската комора.
јануари 26, 2026

