Connect with us

Вести

Минатата година над 5.000 домаќинства инсталирале фотоволтаични системи, за 20 отсто зголемени инвестициите во соларни панели

Чистата енергија не е веќе опција, туку насока. Енергијата што ја користиме денес го обликува општеството во кое ќе живееме утре, порачаа учесниците на денешниот настан „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, што се одржа по повод одбележувањето на 26 Јануари – Меѓународниот ден на чиста енергија.

Како што беше речено, економскиот раст и грижата за животната средина се меѓусебно поврзани и заемно зависни процеси, а чистата енергија е точката во која индустријата, науката и јавните политики мора да зборуваат ист јазик. 

– Наша стратегиска предност секако е сонцето. Имаме над 280 сончеви денови годишно. Токму зато, соларната енергија денес е еден од најважните столбови на нашата национална енергетска транзиција. Минатата година ја одбележа вистински бум, со раст на инвестициите во соларни панели од речиси 20 отсто во споредба со 2024 година. Благодарение на субвенциите, соларната енергија денес е подостапна од кога било и за домаќинствата. Само лани над 5.000 домаќинства инсталираа фотоволтаични системи, најмногу во урбаните центри, како Скопје, Битола и Куманово. Овие инвестиции не само што овозможуваат намалување на сметките за струја од 30 до 50 отсто туку имаат и значаен ефект врз намалувањето на јаглеродниот отпечаток, што е клучно во борбата против климатските промени и загадувањето на воздухот – истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Таа потенцира дека истовремено и државата активно вложува во сопствени проекти – соларните електрани „Битола 1, 2 и 3“, како и „Осломеј“.

– Државата инвестира и во изградба на батериски енергетски систем во рамките на ЕСМ со капацитет од речиси 300 мегават-часа. Овие инвестиции ја потврдуваат улогата на Министерството за енергетика не само како регулатор туку и како активен двигател и лидер во енергетската транзиција. Нашиот пристап е јасен – да создадеме стабилна и предвидлива рамка, но и да покажеме со сопствен пример дека чистата енергија е вистинскиот пат напред – потенцира Божиновска.

Според неа, Министерството активно работи и на планот за декарбонизација, со кој се предвидува напуштање на јагленот и фосилните горива и премин кон чиста и зелена енергија.

– Посветени сме и на обврските од стратегискиот Национален план за енергија и клима 2025 – 2030, што ги дефинира државните цели, мерки и политики за енергетсиката и климатските промени за следниот период. Овој документ е јасен показател дека Владата е посветена на обезбедување подобра животна средина – информира Божиновска.

Според директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, поддршката на иновативни решенија во областа на чистата енергија значи создавање вредност што останува во заедницата и придонесува за долгорочна стабилност. 

– Нашиот фокус на зелената и одржлива енергија произлегува од уверувањето дека економскиот раст и грижата за животната средина не се спротивставени цели, туку меѓусебно поврзани и заемно зависни процеси. Поддршката на иновативни решенија во областа на чистата енергија, особено соларната, како паметни инвестиции, нови бизнис-модели, локален развој и зголемена енергетска независност, значи создавање вредност што останува во заедницата и придонесува за долгорочна стабилност. Само преку партнерства и заедничка визија можеме да изградиме иновативен екосистем во кој чистата енергија ќе биде достапна, применлива и економски одржлива. Денешниот настан е повик за соработка, размена на знаења и охрабрување на сите што имаат идеи и решенија да инвестираат во зелената иднина, порача Димовска.

Професорот Зоран Марков од Машинскиот факултет во Скопје одржа кратка едукативна сесија, а во рамки на настанот беше отворена и панел-дискусија на тема „Соларната енергија во Македонија – можности и предизвици“. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 4