Регион
Мицотакис предлага воведување посебна изборна единица со три пратенички места за дијаспората
Предлагаме формирање посебна изборна единица со три пратенички места за дијаспората во која регистрираните гласачи кои живеат вон државата ќе имаат право да гласаат за кандидатот или кандидатката по свој избор, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека по позитивното искуство од евроизборите, сега може да се направи следниот чекор, односно „Грците со постојано живеалиште вон Грција да можат не само да ја изберат партијата по свој избор, туку и одреден член на Парламентот како свој претставник“.
Објасни дека за овие три пратенички места, ќе се намали бројот на пратенички места од државната листа, што на минатите избори беа 15, а сега одново да се вратат на 12 како што важеше од 1974 до 2019 година.
Паралелно додаде дека сè друго ќе остане непроменето во однос на избирачкото тело, на перифериите, како и на границата од 3 отсто за влез во парламентот.
– Мислам дека ова е уште еден „печат“ во „пасошот“ на современата и отворена Грција, но и уште една многу значајна алка, особено во време кога нашите односи со дијаспората се зајакнуваат и преку важни иницијативи како „brain regain“, но е и уште една алка што ја поврзува мајката татковина со милионите Гркинки и Грци, коишто живеат во странство, рече Мицотакис.
Посочи дека од министерот за внатрешни работи побарал веднаш да започне консултации со другите партии, со оглед на тоа што оваа законска одредба за да добие зелено светло од парламентот, потребно е двотретинско мнозинство, односно да биде изгласана од 200 пратеници, во моментите кога владејачката Нова демократија има 156 пратенички места.
– Денес, ги повикувам сите политички сили, со чувство на одговорност, да ни се придружат во оваа многу важна, институционална, но се осмелувам да кажам и национална промена што ја спроведуваме, нагласи Мицотакис.
Дополнително, се осврна и на можноста да се прошири правото на гласање по пошта за Грците во странство, регистрирани во избирачките списоци и на следните национални избори, во 2027 година.
Пред две години, во Парламентот беше изгласан законот за поштенското гласање што важи само за евроизборите и референдумите, додека пак амандманот, Грците во странство да гласаат по пошта и на парламентарни избори, не го доби потребното двотретинско мнозинство, односно најмалку 200 гласа.
Гласањето преку пошта за првпат беше спроведено на евроизборите во 2024 година, а има право да се пријават сите грчки граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство.
Следните парламентарни избори во Грција ќе се одржат следната година.
јануари 26, 2026

