Connect with us

Регион

Вучиќ на тематска седница на Владата: Светот се движи кон понатамошна фрагментација и конфликти

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на тематската седница на Владата на Србија, денеска како прашање од суштинско значење го наведе зачувувањето и унапредување на стабилноста во земјата што според него, значи „целосно ангажирање на секој дел од државата“. Тој упати критики за работата на одредени јавни претпријатија и владини оддели.

Вучиќ, кој на тематската седница на Владата на Србија учествува на покана на премиерот Ѓуро Мацут, рече дека светот се движи кон понатамошна фрагментација и конфликти и дека повеќе не станува збор за поделба меѓу Западот и остатокот од светот, туку за значителна фрагментација во рамките на Западот.

„Тоа е траен процес,“ наведе Вучиќ и додаде дека светот во 2026 година нема да биде помирен, туку многу проблематично место за живот отколку што бил и во 2025 година.

Вучиќ рече дека е потребен поголем напор за решавање на проблемите во земјата и им порача на членовите на Владата на Србија „да не спијат додека не ги решат“, и дека српскиот премиер треба да поднесе иницијатива до српскиот Парламент за смена на оние министри „кои нема да работат“.

„Ова значи целосно ангажирање на сите делови од државата — пред сè на владата, претседателот на Републиката и сите други. Уште еднаш, господине Мацут, како што ве замолив минатиот пат, да ги информирате министрите дека ако сакаат да бидат во владата во вакви тешки времиња, нема празници, нема наводно викенди кои не се работни денови од четврток навечер до понеделник наутро — што сите министри го применуваат кај вас или 90% од нив, како што знаете и како што самите ме информиравте,“ рече тој.

Или тие ќе работат, или вие ќе одите во Собранието со иницијатива за смена на министрите, или јас ќе го направам тоа. Ви гарантирам дека ќе обезбедам мнозинство за нивна замена,“ додаде Вучиќ.

На седницата присуствуваа и претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ, претседателката на покраинската влада Маја Гојковиќ, гувернерката на Народната банка Јоргованка Табаковиќ, претставници на српските вооружени сили предводени од началникот на Генералштабот Милан Мојсиловиќ, како и директори на јавни претпријатија.

Вучиќ предложи да се формира мало оперативно тело што ќе се занимава со прашањата на европскиот пат на Србија. Тоа тело треба да работи секојдневно, а во него би биле вклучени министрите Немања Старовиќ, Синиша Мали, Ненад Вујиќ, како и претседателката на парламентот Ана Брнабиќ. „Тимот треба да го води Даниел Апостоловиќ, амбасадорот од Брисел. Тој тим треба да обезбедува секојдневни извештаи за работата,“ предложи Вучиќ.

Министерот за финансии Синиша Мали на седницата изјави дека 132 земји го потврдиле своето учество на специјалната изложба Експо 2027 во Белград, истакнувајќи дека тоа ќе биде најголемиот настан во светот. Мали истакна три важни датуми: 29 јануари (кога ќе бидат претставени имињата на маскотите), повик за волонтери наредната пролет и почеток на продажба на билети на 15 мај.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2