Регион
Рекорден број верници ја посетиле Света Гора во 2025 година
Во 2025 година на Света Гора е забележан рекорд на посетеност од 350.000 до 370.000 верници, надминувајќи ги дури и бројките од 2019 година, пред пандемијата, а најбројни се романските државјани, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатите два дена, за Божиќ пристигнале околу 1.000 верници од Балканот, Романија, Кипар, но и Грција.
– Извори од Света Гора за АНА-МПА рекоа дека ниту лошото време со силни ветрови, ниту земјоделските блокади на граничните премини не ги спречија плановите на верниците. Иако од Урануполи беше воведена забрана за пловидба, реализирани беа повеќе вонредни линии со глисери за опслужување на посетителите и јеромонасите од Јерисос, објави грчката новинска агенција.
Дополнително пишува дека особено зголемена се очекува да биде посетеноста на православните верници и во наредните денови, по повод празнувањето на Богојавление, на 18 и 19 јануари, бидејќи веќе се издадени стотици дозволи за престој во манастирите.
Во однос на податоците за минатата година, бројот на верници кои ја посетиле Света Гора е меѓу 350.000 и 370.000, а Романците се на првото место, бидејќи состојбата во Израел ги спречила нивните традиционални поклонички патувања таму.
Како редовни посетители на манастирите потоа следуваат Кипраните, веднаш по нив на третото место се Грците, а потоа Бугарите и поклоници од други балкански земји, додека периодите со најголема посетеност се јануари, поради празниците, деновите околу Велигден, како и есенските месеци, септември и октомври.
јануари 9, 2026


