Connect with us

Регион

Маринакис: Секогаш сме отворени за дијалог со земјоделците, но нема простор за дополнителни мерки

Сè уште се залагаме за дијалог со претставниците на земјоделците, но нема простор за дополнителни мерки, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите и паралелно нагласи дека неопходен предуслов за дијалог е патиштата да бидат отворени и да се заштитат критичните инфраструктури и функции на државата, како што се пристаништа, аеродроми итн., јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис објасни дека Владата никогаш не одбила дијалог со земјоделците и „самиот премиер има кажано дека стои на располагање“, но како што рече, потребно е да се исполнат два предуслови, а постои и едно укажување.

– Укажувањето е дека нема финансиски простор, врз основа на правилата на ЕУ за дополнителни мерки. Но, дијалогот останува неопходен за сите големи промени што веќе се прават и она што треба да се направи за примарниот сектор. Па така, дијалогот е неопходен, но нема простор за дополнителни мерки. Предусловите се јасни: првиот е претставниците на земјоделците да ги претставуваат сите од цела Грција, а вториот е да запрат протестите, објасни Маринакис.

Додаде дека „Владата, особено во изминатиот период покажа многу голема толеранција“ за земјоделците, односно, како што објасни, не само за нивните барања, туку и за протестите.

– Во случај да има обид за затворање на споредни патишта или попречување на клучна инфраструктура, како што се пристаништа, аеродроми, тогаш полицијата, со операциите што ќе ги одреди, ќе треба веднаш да интервенира, бидејќи во секој случај не може да се попречи функционирањето на државата, транспортот на производи, функционирањето на економијата, рече владиниот портпарол.

Земјоделците изразија незадоволство од мерките што вчера ги објасни грчката Влада, а вицепремиерот Костис Хаѕидакис уште еднаш посочи дека од 27 барања, 16 се исполнети или се третираат позитивно, четири се разгледуваат, додека пак седум се или вон буџетската или вон европската рамка.

Протестите на земјоделците во Грција траат веќе 40 дена, а претпладнево започнаа 48-часовната блокада, односно денеска и утре ќе се блокира целата национална патна мрежа, споредните патишта и клучните патни правци во Грција, како и граничните премини.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2