Регион
Дожд и снег ја „окупираат“ Албанија, регистрирана и првата жртва
Многу области во Албанија веќе неколку дена се под вода, поради обилните дождови, предизвикувајќи голема материјална штета, денешниот снег дополнително ја влошува состојбата а е регистрирана и првата жртва од поплавите.
-Денеска е евидентирана и првата жртва од невремето. Станува збор за 54-годишен маж кој е пронајден без знаци на живот во одводен канал во близина на поранешното воено одделение, кај Драч. Првичните сознанија се дека лицето А. Х. бил однесен од водената струја, додека бил ангажиран во расчистување на каналот, како дел од екипата на комуналното претпријатие, објавија медиумите.
Според Министерството за одбрана, состојбата во повеќе окрузи и понатаму е критична, посебно во регионите Скадар, Лежа, Драч, Фиер, Берат и Ѓирокастро.
-Во некои области на округот Елбасан и на северот на земјата, дождот премина во снежните врнежи, што предизвика тешкотии во сообраќајот на многу патни правци, каде и така има проблеми и поради големи одрони на земја и камен и свлечишта. Во справувањето со состојба, вклучени се сите надлежни служби, полицијата и армијата, наведуваат од министерството.

Во споменатите области водата на улиците и патиштата достигнува и до 60 сантиметри, поради што сообраќајот е дозволен само за возила со голема тонажа.
На територијата на земјата под вода се илјадници хектари, поплавени се околу илјада домови, установи и бизниси, евакуирани над 500 лица, како и поголем број добиток. Проблеми се присутни и во напојувањето со електрична енергија.
јануари 9, 2026


