Регион
Снежно невреме во Хрватска: Патници со часови заробени во воз на станицата во Книн
Снежно невреме предизвика сериозни прекини во железничкиот сообраќај во Хрватска, при што патници во воз на линијата Загреб – Сплит останаа блокирани на железничката станица во Книн повеќе од 12 часа.
Возот, кој тргнал од Загреб вчера во 13:49 часот, бил запрен во Книн околу 21:00 часот. Патниците се жалат на недостиг од храна, пијалаци и прецизни информации од страна на надлежните, додека надвор температурите се под нулата. Според изјави на патници за локалните медиуми, на локомотивата ѝ се скршило предното стакло пред пристигнувањето во Книн, а префрлање во друг воз не било извршено од безбедносни причини. Како што јавува „24сата“, возот трггнал нешто после 8.30 утрово.
Од „Хрватски железници“ соопштија дека сообраќајот се одвива со големи потешкотии поради обилните снежни врнежи и паднати дрвја на пругата.
– Делницата меѓу станиците Косово и Книн е затворена за сообраќај. Возот 523 на релација Загреб – Сплит е запрен во Книн, а возот 1820 на линијата Сплит – Загреб е запрен во Перковиќ. Екипите се на терен за отстранување на пречките – стои во официјалното соопштение.
Поради вонредната состојба дел од возовите се откажани, а компанијата упати извинување до патниците и побара разбирање за тешките зимски услови.
јануари 8, 2026


