Регион
Снег паѓа повеќе од 21 час во делови од западна Србија
Обилните снежни врнежи што ја зафатија западна Србија во текот на ноќта и утрото предизвикаа сериозни тешкотии во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија на некои места.
Во Чачак од ноќеска наврнаа 30 см снег и комуналните служби по вторпат се ангажирани во тој регион за изминатите 24 часа.
Вонредна состојба е прогласена во Осечина, Лозница, Владимирци, Крупањ, дел од територијата на Пријепоље и во Мали Зворник, додека проблеми со снабдувањето со електрична енергија се најизразени во Колубарскиот, Мачванскиот и делови од округот Златибор.
Сообраќајот е отежнат на повеќето патишта, со забрани за тешки возила во Заечар, Ваљево, Пожега, Ужице, Нови Пазар, Ивањица и Крушевац, додека јавниот превоз е изменет во некои делови од Белград.
РХМЗ на Србија предупредува дека се можни проблеми во сообраќајот и снабдувањето со храна, топлина и електрична енергија на населението (можна е целосна блокада на сообраќајот), можни се големи штети на преносните системи – далноводи, повреди на пешаци…
Поради снег и појава на мраз можни се оштетувања и на електричните железнички системи, жичарниците…
Воздушниот сообраќај на аеродромот „Никола Тесла“ се одвива и покрај тешките зимски услови. Летовите се одвиваат, но утрово имало некои оперативни доцнења поради временските услови.
Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, денеска изјави дека ситуацијата во земјата, кога станува збор за снежни врнежи и леден бран, е под контрола и истакна дека има чувствителни зони на неколку места во Србија – во Лозничкиот и Златиборскиот округ, кои, како што изјави, се проблематични подрачја за време на обилни снежни врнежи во текот на зимата.



