Регион
Ибар се излеа во северниот дел на Косовска Митровица, десет лица се евакуирани
Реката Ибар се излеа во северниот дел на Косовска Митровица, а противпожарните екипи се излезени на терен и им помагаат на жителите на загрозените станбени згради.
Градоначалникот на Северна Митровица, Милан Радојевиќ, изјави дека досега се евакуирани десет лица од областа, јавуваат локалните медиуми.
Пожарникарите продолжуваат да ги информираат другите жители во тој дел од градот дека би било препорачливо да се евакуираат додека ситуацијата не се стави под контрола.

„Ангажиравме голема група волонтери кои ќе им помагаат на пожарникарите во полнењето вреќи со песок. Ќе работиме и на собирање вода за пиење, бидејќи ситуацијата во моментов не е добра, но ги ставивме на располагање сите служби за да ја ставиме ситуацијата под контрола“, истакна Радојевиќ.
Тој додаде дека надлежните служби – пожарникари, спасувачи, како и волонтери на Општина Северна Митровица се обидуваат да ја стават ситуацијата под контрола колку што е можно побрзо.
Поради обилните врнежи од дожд во изминатите неколку дена, поплавите зафатија некои општини во западниот дел на Косово.
јануари 8, 2026


