Свет
Бриселските медиуми за средбата во Париз: Сојузниците манифестираа единство, но многу прашања се и натаму отворени
И покрај постоечките тензии во трансатлантските односи, Европа и САД на вчерашниот состанок на Коалицијата на подготвените во Париз презентираа „редок обединет фронт за Украина“, што ќе им овозможи на францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен да тврдат дека е постигнат дипломатски напредок во усогласувањето на повоените безбедносни гаранции за Киев, оценуваат бриселските медиуми во освртите на резултатите од вчерашната париска лидерска средба.
– Во невообичаената манифестација на усогласеност, американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ги поддржаа напорите предводени од Европа за договор за безбедносни гаранции за Киев, вклучително и за долгорочен план за зајакнување на одбраната на Украина, наведува „Политико“.
Во медиумските извештаи се посочува дека во декларацијата од средбата европските држави се согласиле да испратат свои војници на терен по прекинот на огнот со „американска гаранција за одвраќање на каква било обновена руска агресија“.
Медиумите ја пренесуваат и изјавата на Макрон дека САД ќе имаат водечка улога во следењето на какви било прекршувања на идниот мир, додека европските сили ќе бидат стационирани „далеку од линијата на контакт“ со Русија, како и дека земјите од Коалицијата на подготвените се согласиле да дадат „политички и правно обврзувачки гаранции“ со цел да осигурат дека Украина нема да биде принудена на капитулација или повторно загрозена откако ќе завршат непријателствата.
– Дали тоа значи борба против Русија? Гаранцијата, се вели во текстот, „може да вклучува“ воена акција. Тоа како да е Член 5 (од Договорот на НАТО), а сепак не е Член 5, прашува „Еурактив“ во својата анализа на средбата.
Според порталот, сето ова засега „останува целосно теоретско“, имајќи предвид дека Русија манифестира „отпор кон прифаќање на прекин на огнот“ и веќе ја отфрли идејата за какво било распоредување на европски трупи на украинска територија.
Во освртите се посочува и дека американските претставници Виткоф и Кушнер, како и некои европски лидери, меѓу кои и германскиот канцелар Фридрих Мерц, сепак не ја потпишале декларацијата за распоредување мултинационални сили во Украина, која би требало да стапи во сила по воспоставувањето на прекин на огнот.
Ова според медиумите, е показател оти скептицизмот кон распоредувањето на европски сили во Украина се протега и надвор од Вашингтон и во дел од главните градови во Европа.
Дополнително се пренесува и изјавата на Мерц дека германски војници наместо во самата Украина, би можеле да бидат стационирани во соседните земји, како Полска или Романија, како и оценките дека некои европски земји се „помалку заинтересирани“ или „неподготвени“ за испраќање свои сили.
Во тој контекст се пренесува и изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека Грција нема да учествува во европските сила во Украина, иако, како што се наведува, официјални лица изјавиле оти Атина не исклучува „други форми на поддршка, вклучително и поморскиот надзор“.
– Во секој случај, големото прашање е дали Европејците на крајот ќе бидат подготвени да ги спроведат овие гаранции и да ги ризикуваат животите на своите војници. Ако не се подготвени експлицитно да испратат војници додека војната трае, зошто би го сториле тоа во идна криза?, наведува „Еурактив“.
Бриселските медиуми оценуваат дека декларацијата од париската средба „била разводнета“ за време на преговорите, посочувајќи дека во предлог верзијата на документот било наведена „обврска на САД да ги поддржат европските сили во случај на напад“, додека во конечниот текст се говори само за „континуирана поддршка од страна на САД“.
Дополнително, од конечната верзија на декларацијата „исчезнал“ и делот кој се однесувал на „континуираната долгорочна“ американска воена помош и снабдувањето со оружје за Украина.
Ова, според медиумите ја прави природата на американското учество во безбедносните гаранции „многу нејасна“, бидејќи сè уште не е познато колку далеку се подготвени да одат САД во однос на своите обврски.
Белгискиот експерт за Русија, Јан Балијау во изјава за државното Радио 1 вели дека европските земји би требало да се задоволни со тоа што го имаат.
– Фактот е дека САД сакаат да соработуваат со своите европски сојузници кога станува збор за Украина, е важен сигнал, смета Билијау.
Според него, проблем може да претставува одбивањето на Русија да се согласи на распоредувањето на европски војници во Украина, но доколку САД цврсто застанат зад таквиот план, маневарскиот простор на Москва за негово одбивање би бил стеснет.
– Со одбивањето, Русија би можела потенцијално да го загрози својот однос со Трамп, смета Билијау.
Неговиот соговорник во истата радиоемисија, аналитичарот Арно де Декер, пак смета дека за да се реализираат договорените безбедносни гаранции во Париз, мора прво да се постигне прекин на огнот
– До тогаш договорите постигнати во Париз ќе останат само убави ветувања, изјави Де Декер.
Во однос на договореното, пак, тој оценува дека се поставува и прашањето колку е тоа спроведливо од страна на Коалицијата на подготвените и САД.
– Зборовите на хартија можат да кажат многу, но треба да видиме и дела, додаде Де Декер.
Медиумите оценуваат дека по вчерашната средба во Париз е јасно дека постојат конкретни планови и какви се позициите на сите, по што во наредните недели и месеци ќе мора да работи на некаков вид зближување меѓу Русија и Украина.
Сепак, конечниот заклучок во анализите е дека поголемиот дел од она што беше договорено на вчерашната средба во Париз нема да се материјализира сè додека не се воспостави прекин на огнот меѓу Русија и Украина, што засега е многу нејасно кога или дали ќе се случи.
јануари 7, 2026


