Забава
Туна синоперка продадена на аукција за 2,7 милиони евра во Токио
Јапонски суши ресторан плати 510 милиони јени или 2,7 милиони евра за една туна синoперка, што претставува рекордна сума на новогодишната аукција на рибниот пазар Тојосу во Токио.
Уловот, тежок 243 килограми, го откупи компанијата Кијомура Корпорејшн, што го предводи познатиот синџир на суши ресторани „Сушизанмаи“. Новиот рекорд го надмина претходниот од 333 милиони јени (1,8 милиони евра) што компанијата Кијомура го постави во 2019 година.
Џиновската туна беше превезена во главниот ресторан „Сушизанмаи“, каде што беше исечена и доставена до рестораните низ целата земја. Шефот на компанијата, Кимура нагласува дека јадењата од туна ќе се продаваат по вообичаената цена, без дополнителни зголемувања.
-Мислев дека победничката понуда ќе биде малку пониска, околу 300 до 400 милиони јени, но се покажа дека надмина 500 милиони, изјави тој за новинарите. Оваа рекордна продажба повторно го привлече интересот на јапонските ресторани за висококвалитетна синоперка туна, особено во периодот на празниците.
јануари 6, 2026


