Свет
Мадуро го ангажираше адвокатот на Асанж
Притворениот венецуелски лидер Николас Мадуро го ангажираше познатиот адвокат за кривично право Бари Полак за свој бранител во судскиот процес за наркотероризам што се води против него во Њујорк, јави „Блумберг“.
Полак е долгогодишен адвокат на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, и важи за еден од најискусните правници во Вашингтон. Тој денеска веќе поднесе известување до федералниот суд за негово појавување како застапник на Мадуро.
Полак беше присутен во судницата кога Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се изјаснија за невини по обвиненијата за наркотероризам, заговор за увоз на кокаин во САД и поседување оружје и „експлозивни направи“.
Сопругата на Мадуро, Флорес, ќе ја застапува Марк Донели, поранешен федерален обвинител од Хјустон.
Бари Полак стана меѓународно познат по водењето на 14-годишната правна битка на Асанж, која заврши во 2024 година со договор за признавање на вината во врска со објавувањето доверливи информации за националната безбедност на САД.
јануари 6, 2026

