Connect with us

Свет

Вкупно 41.472 мигранти влегле во Велика Британија преку Ламанш во 2025 година, што е втор најголем број на годишно ниво

Вкупно 41.472 мигранти го преминале Ламанш и влегле во Обединетото Кралство во 2025 година, што претставува втор најголем број на годишно ниво, пренесоа ДПА и „Пи-Еј медија“, повикувајќи се на изјава од британското Министерство за внатрешни работи.

Британското МВР денеска потврди дека во новогодишната ноќ на Островот не пристигнал ниту еден мигрант, а овој тренд трае од почетокот на божиќните празници.

Бројот на мигранти кои влегле во Велика Британија минатата година е за девет отсто помал од рекордните 45.774 лица регистрирани во 2022 година. Истовремено, во 2025 година тој број е за 13 отсто поголем отколку во 2024 година, кога изнесувал 36.816 лица. Во 2023 година, пак, во Обединетото Кралство влегле 29.437 мигранти, или за 41 процент помалку отколку во 2025 година.

Во текот на 2025 година, британската влада беше изложена на засилен притисок да го ограничи бројот на мигранти кои одат на опасното патување преку Ламанш.

Лабуристичката партија победи на парламентарните избори во 2024 година со ветувањето дека ќе ги „разбие бандите“ кои се занимаваат со трговија со луѓе. Но, откако левицата ја презеде власта, на Островот пристигнале вкупно 65.000 мигранти.

Министерката за внатрешни работи, Шабана Махмуд, во ноември најави планови за низа реформи, кои ги опиша како „најзначајните промени во британскиот систем за азил во современата ера“.

Промените, инспирирани од данскиот систем, предвидуваат статусот на бегалец да стане привремен и да биде преиспитуван на секои 30 месеци. Освен тоа, бегалците ќе мора да чекаат до 20 години за да добијат право на постојан престој во Обединетото Кралство. Моментално тој рок изнесува пет години.

Плановите, кои сè уште не се поднесени на разгледување во парламентот, предизвикаа остра реакција кај некои пратеници од Лабуристичката партија, кои го оценија проектот како „срамен“ и како повторување на реториката на партијата „Реформирај го Обединетото Кралство“ на Најџел Фараж.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 2