Регион
На четворица демонстранти изречени безбедносни мерки поради фрлање молотови коктели на антивладиниот протестот во Тирана
Судот во Тирана денеска определи безбедносни мерки за четворица учесници на антивладиниот протест, одржан во понеделникот вечерта, кои фрлаа молотови коктели кон полицијата и владината зграда и насилно се однесуваа кон полициското обезбедување.
– Полицијата идентификуваше 11 лица, од нив четворица беа во 48 часовен притвор, а против другите седум, меѓу нив и еден малолетник, се води постапка. Судот денеска на четворицата им одреди безбедносна мерка редовно пријавување во судот. Кривична пријава е поднесена против лицето Е.М. организациски секретар на Демократска партија, во својство на организациски претставник на овој политички субјект.
Во протестот што се одржа пред Владата во Тирана повредени беа тројца полицајци и еден фоторепортер.
Апсењето на учесниците во протестот за лидерот на Демократска партија, Сали Бериша е „чин без преседан во кој се апсат невини лица, само затоа што сакаат демократија и ослободување на државата од нарко владата“. Според него меѓу уапсените се две лица од Косово, кои „престојувале како туристи и сакале да се фотографираат со него“.
– Мирниот протест ја потврди одлучноста на народот и треба да трае колку што е потребно за да се собори Владата. Ги повикувам демократите и сите граѓани да се приклучат на континуираните протести. Гарантирам дека со отпорот на граѓаните Еди Рама ќе избега исто како што избегал секој друг диктатор, рече Бериша на денешната средба со новинарите.
Тој повтори дека протестите, вклучувајќи и штрајк со глад ќе продолжат се до „уривање на нарко владата, формирање техничка влада и спроведување слободни избори“.
декември 25, 2025


