Свет
Олта Џачка, поранешна министерка за одбрана и шефица на албанската дипломатија, под лупата на СПАК
Поранешната министерка за одбрана и за Европа и надворешни работи, актуелната пратеничка од Социјалистичката партија, Олта Џачка, денеска беше во Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК).
По напуштањето на просториите на СПАК, каде се задржа неколку часа, таа одби да даде изјава за присутните медиуми надвор од обвинителството.
Џачка била повикана во СПАК за истрагата во врска со давањето на користење на поранешната воена база Лимион кај Саранда.
-Истрагата започна по жалбата до СПАК од страна на поранешниот заменик-командант на поморските сили, Артур Мечолари, во 2021 година, против одлуката на владата, која на 1 јули 2020 година одлучи дека поморската база Лимион, со вкупна површина од над 265 илјади квадратни метри, да се издаде под закуп на 20 години по симболична цена од 1 евро за квадрат, објави Топ чанел.
Одлуката била донесена во време кога Џачка била министерка за одбрана.
Според телевизијата, поморската база во Саранда ќе остане запленета сè додека СПАК, не донесе одлука за “истрагата покрената во врска со постапките што се следат за издавање под закуп на воен имот на приватници”.
Исто така, против Олта Џачка и нејзиниот сопруг Артан Агачи поднесено е обвинение во врска со приватизацијата на земјиште во приморскиот град Химара, каде што требало да се гради туристички центар, а за кое добиле статус на стратешки инвеститор од страна на премиерот Еди Рама.
Џачка (46) во март 2017 година беше избрана за министерка на тогашното министертво за социјална благосостојба и млади, а по неколку месеци, во септември, истата година, за министер за одбрана. На крајот на декември 2020 година беше избрана за министерка за Европа и надворешни работи.
Беше разрешена во септември 2023 година, со мини реконструкцијата на владата, а по обелоденувањето на скандалот поврзан со нејзиниот сопруг.
декември 24, 2025


