Економија
Ревизија на ДЗР во НОМАГАС: Магистралните гасоводи за кои се вложени над 143 милиони евра се уште не се ставени во употреба
И покрај вложените над 143 милиони евра за изградба на трите магистрални гасоводи, тие се уште не се ставени во употреба, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизијата на усогласеност на АД за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост за 2024 година во која изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Во ревизијата се утврдени и неправилности во управувањето со имотот, евиденцијата на капиталот и распределбата на надоместоци, што, како што посочуваат ревизорите, може неповолно да влијае врз ликвидноста на друштвото и развојот на гасниот систем во државата. За сите идентификувани неправилности и слабости, Државниот завод за ревизија даде конкретни препораки до надлежните лица и органи за нивно отстранување и за унапредување на финансиското и материјалното работење на друштвото.
-Со ревизијата е утврдено дека најголем дел од инвестициите во тек се однесуваат на изградбата на трите магистрални гасоводи (ЛОТ 1 – 61 km, ЛОТ 1 – 36 km, ЛОТ 2 и ЛОТ 5 ). Овие инвестиции изнесуваат над 143 милиони евра без ДДВ и иако се целосно изградени во периодот од 2016 до 2024 година. Причините за ваквата состојба се нерешени имотноправни односи при експропријација на земјиштето и пролонгирања кои потекнуваат од роковите за одобрување на измени во тек на градба во минатиот период, кое во исто време влијае сѐ уште да не се ставени во употреба, се заклучува во ревизијата.
Од ДЗР посочуваат дека со измените на Законот за градење, од април 2025 година, поедноставена е постапката за добивање одобренија за употреба на линиски инфраструктурни објекти, дури и ако претходно не е извршено прибележување на земјиштето и регистрирање во катастарот на инфраструктурни објекти, со што од страна на НОМАГАС АД Скопје во јуни 2025 година склучена е рамковна спогодба за јавна набавка на геодетски услуги и обезбедување на законски одобренија за употреба.
-НОМАГАС АД Скопје располага со имотни листови за магистралниот гасовод Деве Баир–Скопје и уште шест инфраструктурни објекти, но за 78 придружни објекти како блок станици, мерно-регулациони станици и чистачки станици сè уште не е утврден правниот статус . За нив се водат постапки за легализација пред Министерството за транспорт и надлежните општини. Иако дел од објектите се изградени уште во периодот од 1995 до 2000 година со уредна документација, тие никогаш не биле запишани во Агенцијата за катастар на недвижности. Постапките за легализација траат со години, а дел од предметите биле префрлани меѓу општините и Министерството, што дополнително го продолжило процесот на запишување, се истакнува во ревизијата.
До завршување на ревизијата, се додава, НОМАГАС АД Скопје сè уште нема добиено решенија за ниту една од започнатите 78 постапки за легализација.
Во ревизијата е истакнато дека се уште не е воспоставен оператор на систем за дистрибуција на природен гас и покрај тоа што биле отпочнати активности во минатиот период.
Имено кон крајот на 2019 година од страна на Владата донесена е Одлука за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на Јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија. Оваа постапка со Одлука на Влада во август 2024 година е поништена, поради што и натаму останува неизвесно определувањето на Оператор за дистрибуција на природен гас.
Дополнителна состојба која неповолно може да влијае врз квалитетот и динамиката на одржувањето, проширувањето и поврзувањето на системот со гасоводните мрежи во соседните држави е што, до крајот на 2024 година НОМАГАС АД Скопје нема усвоено десетгодишен план за развој на преносната мрежа за периодот 2024–2035 година.
Со ревизијата е утврдено дека во трговските книги на НОМАГАС АД Скопје, вредноста на капиталот изнесува 58,3 милиони евра и истиот е за 28,1 милиони евра помал во однос на извршената проценка. Со тоа и во Централниот депозитар на хартии од вредност и Централниот регистар на Република Северна Македонијавпишана е помала вредност на основната главнина. Оваа разлика потекнува од крајот на 2022 година, со самото основање на НОМАГАС АД Скопје, преку спојувањето на двете друштва АД НЕР и АД ГА-МА Скопје.
НОМАГАС врши услуга за балансирање т.е. купува или продава гас на берзата за гас во зависност од потребите на корисниците (балансно одговорни страни – БОС) од тоа дали БОС страната направила позитивен или негативен дебаланс.
-Со ревизијата е утврдена несоодветна примена на формулата за пресметка на надоместокот за неутралност како и начинот на распределба на надоместокот за неутралност на БОС согласно нивните активности. Имено, формулата предвидена со Методологијата не се применува правилно, поради дилемите кој постојат во однос на вклучување на прогнозирани количини на увоз и извоз на природен гас. НОМАГАС АД Скопје има исплатено надоместок за неутралност во износ од 44.612 илјади денари, за период на порамнување 2023 година на шест БОС, иако согласно податоците добиени од друштвото во 2023 година постојат четири балансни групи претставувани од БОС. Согласно наведената методологија БОС, која дејствува во име на балансна група е должна да ја изврши распределбата на трошоците за неутралност помеѓу членовите на својата група, во согласност со склучен договор. Со ревизијата е утврдено дека при исплатата на надоместок за неутралност неосновано се вклучени две правни лица. Едното правно лице во текот на 2023 година било член на балансна група претставувана од БОС, додека другото воопшто не било БОС, ниту член на балансна група. Овие две правни лица се стекнуваат со статус БОС во март, односно септември 2024 година, посочуваат од ДЗР.
Во ревизорскиот извештај, како што велат, обелоденет е орочениот депозити во деловна банка во износ од 20 милиони денари, кој се преорочува автоматски на секои три месеци со фиксна каматна стапка од 0,30% годишно и по кој основ во 2024 година остварен е минимален приход од 65 илјади денари годишно.
-Ревизорите утврдија дека Одборот на директори не донел одлука за овие депозити, што не е во согласност со Статутот на друштвото, кој предвидува дека Одборот е тој кој носи одлуки за средства над 50 илјади евра. Ако се има во предвид дека во тој периодот кога средствата се орочени, друштвото имало неплатени заеми, се доведува во прашање исправноста на одлуката за орочување и ефектот од приходите од камата. Во истовреме ваквиот пристап создава можност за негативни одливи од Буџетот на државата и друштвото по други основи, се вели во ревизијата.
НОМАГАС АД Скопје има побарувања по даден краткорочен заем од 75 милиони денари даден на АД Пошта на Северна Македонија , кој согласно склучениот договор треба да биде вратен до 30 декември 2025 година , со плаќање на законска камата во случај на задоцнување. Со ревизијата утврдено е дека заклучно со мај 2025 година, вратени се 2 милиони денари, што е околу 2,5% од вкупниот позајмен износ, поради што укажуваат дека ваквите активности, кои не се дел од основната дејност на друштвото, можат неповолно да влијаат врз ликвидноста и профитабилноста на друштвото и редовна отплата на заемите.
-Во извештајот нотирано е дека во 2025 година започнале активности за изградба на интерконективен гасовод со Грција , финансиран со заем и грантови од Европската инвестициска банка. Договорот за заем изнесува 29,9 милиони евра, а инвестицискиот грант 12,4 милиони евра (9,9 милиони евра се инвестициски грант за финансирање на трошоци за работи и/или набавки, 2,5 милиони евра се грант за техничка помош за финансирање на трошоци за услуги и 50 илјади евра се грант за финансирање на комуникација и видливост) Во август 2025 година, друштвото има добиено 6 милиони евра од инвестицискиот грант за финансирање на трошоци за работа, кои веднаш се префрлени на изведувачот со кој во мај 2025 година е склучен договор за изградба. Дополнително, доделени се: грант за техничка помош од 500 илјади евра, од кој искористени се 7.022 илјади денари (околу 114 илјади евра ) за извршени услуги и грант за комуникација и видливост од кој се искористени 2.467 илјади денари (околу 40 илјади евра ), врз основа на склучен договор за деловна и техничка соработка. Истакнати се состојбите кои произлегуваат од донесениот Закон за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во друштвото со што се укинува обврската за враќање на средства по основ на заем за изградба на магистралните гасоводи ЛОТ 2 и ЛОТ 5. Во овој дел ги истакнуваме и пресметаните трошоците за провизија за неповлечени средства од кредитот во висина од 2,47% на годишно нивно во вкупен износ од 412,407 имилиони денари односно 6,7 милиони евра кои не требало да се капитализираат, велат од ДЗР.
Со извршената ревизија констатирани се и други состојби за начинот на евидентирање на нематеријални средства и резервирања, извршениот попис, примената на законот за јавните набавки, слабости во актот за систематизација и актите со кој се уредува начинот на пресметка на платите, распоредената добивка за 2023 година, без претходно одобрени финансиски извештаи и годишна сметка, објекти за деловен и магацински простор кои се изградени а не се користат поради што на друго место се плаќа непотребно закупнина, направени се трошоци за санација на оштетени гасоводни цевки предизвикани од служби ангажирани од Општина Гази Баба и други состојби.
декември 23, 2025


