Свет
ВРТ: Цехот од победата на Де Вевер на Самитот на ЕУ ќе го платат европските даночни обврзници и Белгија
Европската Унија донесе историска одлука да ја поддржи Украина со 90 милијарди евра преку заедничко задолжување, со што замрзнатите руски средства во бриселскиот „Еуроклир“ беа оставени на мир и е избегната конфронтација со Русија, но трошоците од ваквиот епилог на минатонеделниот Самит на ЕУ на крајот ќе паднат на сметка на европските даночни обврзници, а последици би можела да има и самата Белгија.
Ова се наведува во анализата на белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ за резултатите од „историскиот самит на ЕУ“ одржан во четвртокот во Брисел и можните последици од неговите одлуки.
Самитот мина во светлина на жестокото противење на бриселскиот премиер Барт де Вевер на планот за т.н. заем за репарации за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, кој предвидуваше негова исплата од замрзнатите руски средства во ЕУ, од кои најголемиот дел или 185 милијарди евра се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел.
Белгија стравуваше дека и со користење на средствата зaмрзнати во „Еуроклир“ ќе се наруши угледот на белгиската клириншка куќа и на самата земја како сигурни депозитари, што би можело да доведе до масовно повлекување на странските депозити, а дополнително изразуваше и загриженост од „руска одмазда“ преку покренување судска постапка и барање за покривање на искористената сума.
Но, како што наведува ВРТ, за разлика од Белгија, други членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, Данска, Полска, Шведска, балтичките држави, Холандија и Ирска, беа подготвени да го направат она од што таа се плашеше – директно соочување со рускиот претседател Владимир Путин со префрлање на средствата на Руската централна банка на Украина.
– Не е случајно што овие земји, освен Ирска, досега ѝ обезбедија на Украина значително поголема финансиска поддршка од остатокот од ЕУ. Наместо да ѝ дадат на Украина уште повеќе пари од своите даночни обврзници, заемот им изгледаше како пофер решение, кое ќе ги распредели ризиците, оценува белгискиот медиум.

Во текстот се додава дека белгискиот премиер Де Вевер и неговиот тим преку „напорна подготвителна работа зад сцената“, успеаја да убедат доволно земји членки за потенцијалниот обем на ризиците од планот за заемот за репарации, па ЕУ немаше друг избор освен да се одлучи на план Б – заедничко задолжување на пазарите на капитал преку издавање на еврообврзници со цел „позајмување на 90 милијарди евра за да се плати поддршката на Украина“.
ВРТ наведува дека иако во Белгија, Де Вевер добива пофалби од сите, надвор од неа има и критики на негова сметка со оценка дека сега трошоците ќе ги плаќаат европските даночни обврзници, додека се пропушта можноста за војната да платат руските даночни обврзници со префрлање на руски средства на Украина
– Нема да има фронтален напад врз Путин, но ќе има масовна поддршка за Украина. Ова ќе дојде преку еврообврзници, со што ќе се задолжи Европската Унија. Ова е историска одлука, што беше незамислива до неодамна. Така, Германија и Холандија, кои во принцип отсекогаш се спротивставуваат на задолжување, сега повторно направија исклучок и се согласија со тоа, како и во случајот со Фондот за закрепнување од корона пандемијата, се вели во анализата.
Во неа се потсетува дека Украина ќе треба да ја врати позајмицата само ако Русија ѝ плати воените репарации.
– Веројатноста за нешто такво е мала, па затоа, кредитот ќе мора да се врати преку буџетот на Европската Унија. Во секој случај, каматата од задолжувањето (на ЕУ) ќе мора да се плаќа, што ќе биде приближно три милијарди евра годишно, се додава во текстот.
Ова задолжување за потребите на Украина ќе се надоврзе на претходното за Фондот за закрепнување од короната, за чија отплата во следниот европскиот повеќегодишен буџет се предвидени по најмалку 20 милијарди евра годишно.
– За да се отплати тоа, меѓу другото, се намалува земјоделскиот буџет. Ова беше и една од причините зошто земјоделците го насочија својот гнев кон Европскиот парламент во четврток, наведува ВРТ.

Медиумот посочува дека иако во моментов наликува дека заемот за Украина е бесплатен, сметката за него ќе дојде подоцна.
– Или земјите членки ќе мора да ги зголемат своите придонеси во буџетот на ЕУ или во него ќе мора да се намалат некои други ставки, како оние за европскиот земјоделски буџет. За трета опција, нови извори на приходи или европски даноци, има мал интерес, се додава во освртот.
ВРТ потсетува и дека Унгарија, Словачка и Чешка не сакаа да учествуваат во заемот и нема да мора да партиципираат во неговото враќаат, што ќе значи „мал дополнителен трошок за другите 24 земји“.
Во анализата се наведува дека на овој начин премиерите на Унгарија, Виктор Орбан, на Словачка, Роберт Фицо и на Чешка, Андреј Бабиш ги „одржуваат добрите односи со Путин“, се надеваат дека ќе освојат поени на домашен план со тоа што нема да бараат од своите граѓани финансиски да придонесуваат за враќање на заемот, но, исто така, отвораат врата и „за други форми на засилена соработка“.
– Во секој случај, заемот за Украина ќе изврши дополнителен притисок врз преговорите за повеќегодишниот буџет на ЕУ за периодот 2028-2034 година, кои би требало да бидат завршени до крајот на следната година, се додава во анализата.
При тоа, се потсетува дека овој заемот од 90 милијарди евра ги покрива финансиските потреби на Украина само за 2026 и 2027 година, а за периодот потоа ќе мора да се најдат други извори.
Тоа, како што наведува ВРТ, повторно го става на маса користењето на замрзнатите руски средства, што всушност е наведено и во договорот постигнат од европските лидери, а тоа постојано го нагласува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, со цел „да укаже“ дека неговата идеја за заемот за репарации сè уште е во игра.

– Дали се заканува уште едно катастрофално сценарио за „Еуроклир“ и Белгија? Според тинк-тенкот Центар за истражување на европската политика (ЦЕПС), постои начин да се избегне ова, а сепак тие средствата да се користат за поддршка на Украина. Според овој предлог, руските средства би останале во „Еуроклир“, без да бидат конфискувани, но сепак би можеле да генерираат значително повеќе ресурси за Украина, се посочува во анализата.
ВРТ додава дека дополнително се поставува и прашањето која е цената што ќе ја плати Белгија поради отпорот на користењето на руските милијарди во „Еуроклир“, за кои инаку, клириншката куќа ѝ плаќања корпоративен данок на белгиската државна од околу 1,2 милијарди евра годишно.
Можеби, првата „казна“ за Белгија за торпедирањето на заемот за репарации, според медиумот, беше неуспешниот обид на белгискиот вицепремиер и министер за буџет Винсент ван Петегем да стане претседател на Еврогрупата.
– Белгија смета на поддршката на Фридрих Мерц за да го донесе телескопот Ајнштајн во Лимбург. Дали и ова е доведено во опасност? Европската комисија сака Белгија да придонесе со 600 милиони евра од царини во европскиот повеќегодишен буџет, но Белгија се спротивставува на тоа. Дали овој отпор е сè уште одржлив, сега кога заемот за Украина врши притисок врз тој повеќегодишен буџет?, прашува ВРТ.
Во анализата се покренува и прашањето дали во вакви услови Де Вевер веќе почна да ги менаџира штетите.
– На прес-конференцијата во Копенхаген во октомври, видовме еден воинствен Де Вевер како со остри зборови ги урива плановите за користење на руските средства што се чуваат во „Евроклир“. Но, во петок наутро видовме еден друг Де Вевер, кој беше неверојатно попустлив кон Фридрих Мерц и Урсула фон дер Лајен. Дали ќе биде доволно ова?, се додава во анализата.
декември 22, 2025


