Connect with us

Свет

Трамп именуваше специјален пратеник за Гренланд

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера го именуваше гувернерот на сојузната држава Луизијана, Џеф Ландри, за специјален американски пратеник за Гренланд, големата данска полуавтономна територија за која претходно изјави дека САД треба да ја преземат.

– Џеф разбира колку Гренланд е неопходен за нашата национална безбедност и силно ќе ги унапреди интересите на нашата земја за (осигурување) безбедност, сигурност и преживување на нашите сојузници, всушност и на светот, рече Трамп објавувајќи го именувањето.

На почетокот на својот втор мандат во Белата куќа, Трамп повеќепати повикуваше САД да ја преземат надлежноста над Гренланд и не ја исклучи можноста за употреба на воена сила за да се преземе контрола над тој арктички остров богат со минерали.

Тоа прашање во последните месеци престана да се појавува во медиумите, но во август дански функционери го повикаа американскиот амбасадор на разговор по извештаите дека најмалку тројца луѓе поврзани со Трамп вршеле прикриено влијание на Гренланд.

Претходно оваа година, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, ја посети оддалечената американска воена база на Гренланд и ја обвини Данска дека малку инвестира на островот.

Трамп претходно изјави дека Гренланд е клучен за американската безбедност и не го исклучи преземањето на островот со воена сила, иако Данска е американски сојузник во рамките на НАТО.

Ландри ја презеде должноста гувернер на Луизијана во јануари 2024 година и неговиот мандат завршува во јануари 2028 година. Во објава на Х Ландри вчера напиша дека ова именување е „чест“ да му служи на претседателот на таа „доброволна позиција за да го направи Гренланд дел од САД“, како и дека тоа не влијае на неговата позиција како гувернер на Луизијана.

Данска и Гренланд претходно соопштија дека островот не е на продажба и ги осудија извештаите за американското собирање разузнавачки податоци за него. На американските аспирации за Гренланд се противат и Русија и поголемиот дел од Европа.

Данската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањата за коментар во врска со именувањето на Ландри.

Данската воена разузнавачка служба во извештај претходно овој месец соопшти дека САД ја користат својата економска моќ за да ја „наметнат својата волја“ и се закануваат со воена сила на пријателите и на непријателите.

Во својот годишен извештај, службата исто така наведе дека поголемото американско наметнување под администрацијата на Трамп се случува истовремено додека Кина и Русија настојуваат да го намалат западното, а особено американското влијание.

– Стратешкото значење на Арктикот расте и судирот меѓу Русија и Западот зајакнува, а растечкиот безбедносен и стратешки фокус на Арктикот од страна на САД дополнително ќе ги забрза овие настани, беше наведено во данскиот извештај. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4