Економија
Нема договор за минималната плата, Владата не е против зголемување, но да е економски оправдано
Економско-социјалниот совет денеска не донесе одлука за зголемување на минималната плата. Од Владата велат дека не се против зголемување на минималната плата, но дека тоа треба да е економски оправдано. Економските параметри во моментот, како што велат од Владата, покажуваат дека нема потреба од такво нешто. Од Сојузот на синдикати остануваат на ставот за зголемување на минималната плата со оглед на тоа што секојдневно растат животните трошоци. Ги повикаа Владата и работодавачите да се договорат, а во спротивно најавуваат порадикални мерки по Нова Година.
– Според анализите и актуелните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата во ноември изнесува 0,5 проценти, а на годишно ниво 4 проценти што укажува на стабилизација на ценовните движења. Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под три проценти. Како Влада никогаш не сме биле против зголемувањето на минималната плата, туку преку дијалог оставаме таа да биде договор меѓу работодавачите и синдикатите. Сепак, според ваквите економски индикатори, нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено и кое би било помеѓу 1.500 и 2.000 денари – изјави министерот за економија Бесар Дурмиши.
Интервентното зголемување без продуктивност и реални економски параметри, како што рече Дурмиши, ќе создаде дополнителен притисок особено врз малите претпријатија и ризик за работните места.
Дурмиши не се согласува со констатацијата дека во земјава има најниска минимална плата.
Претседателот на Сојузот на синдикатите Слободан Трендафилов останува на ставот дека е неопходно зголемување на минималната плата, но и на останатите плати, затоа што, како што вели, планираното законско зголемување во март догодина во износ од околу 15.000 денари нема да биде доволно споредено со порастот на трошоците за живот.
– Чекаме да се договорат Владата и работодавачите имајќи предвид дека се лицитираше со 600, 700, 800 дури и 1000 евра износ на минимална плата. Очекуваме како ќе се договорат тие, но пожелно е договорот да се случи побрзо бидејќи работниците едвај врзуваат крај со крај со оваа минимална плата – рече Трендафилов по седницата на ЕСС.
Тој нагласи дека ССМ е оставен сам да се бори за зголемување на платите и оти сите други, па дури и другите синдикати се здружени и против ССМ и против зголемувањето на минималната плата што се потврдило и на денешната седница.
– Ќе заклучам дека ако ја чекавме претходната Влада во 2022 да го почитува само Законот за минимална плата, ако не протестиравме и да не издејствуваме промена за критериумите, денес работниците ќе имаа 19 илјади денари минимална плата што би било двапати под дното – рече Трендафилов, најавувајќи порадикални мерки во иднина.
Кај него не останува многу простор за оптимизам, оти, како што истакна, годинава имало 13,8 проценти повеќе средства за зголемување на плати, а тие се зголемиле помеѓу 5 и 7 отсто, а за в година се предвидени 7 проценти, што според него, би значело помало зголемување на платите.
– Тогаш каков е планот за зголемување на платите на работниците, или ќе добијат парцијално одредени категории работници во одредени дејности наспроти други категории работници, рече претседателот на ССМ.
Според Бизнис конфедерацијата, има шанси за преговори до март кога е законското усогласување, но енормно зголемување на минималната плата е невозможно.
– Се договоривме дека ќе се договараме, конкретен договор нема. Се надевам дека во тек на овој период до законското усогласување во март имаме шанси да преговараме. Има модели како може да ја договараме минималната плата. Еден од предлозите на Бизнис конфедерацијата е во рамки на Законот за работни односи да се прошири колективното договарање со што ќе се вклучи и минималната плата особено во одредени сектори. Нашиот предлог е дека со договарањето на минималната плата во одредени сектори може да се намалат и злоупотребите така што топката е помеѓу синдикатите и работодавачите – рече претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков.
декември 22, 2025


