Свет
Неизвесна политичка иднина на Ирак – фракциите се борат за власт
Бета
Политичките фракции во Ирак маневрираат од парламентарните избори пред повеќе од еден месец за да формираат сојузи кои ќе ја обликуваат следната влада.
Ноемвриските избори не доведоа до блок со одлучувачко мнозинство, што ја отвори вратата за долг период на преговори.
Владата што на крајот ќе се формира, ќе наследи безбедносна ситуација која се стабилизираше во последните години, но ќе се соочи со фрагментиран парламент, растечко политичко влијание на вооружените фракции, слаба економија и честопати спротивставени меѓународни и регионални притисоци, вклучувајќи ја и иднината на вооружените групи поддржани од Иран.
Партијата на премиерот Мохамед Шиа ал-Судани освои најголем број места на изборите. Ал-Судани во првиот мандат се покажа како прагматичар фокусиран на подобрување на јавните услуги и успеа да го задржи Ирак настрана од конфликтите во регионот.
Иако неговата партија е номинален дел од Координативната рамка – коалиција на шиитски партии поддржани од Иран, која стана најголемиот парламентарен блок, набљудувачите велат дека е малку веројатно Координативната рамка да ја поддржи кандидатурата на ал-Судани за реизбор.
„Премиерот мора да биде некој за кого Координативната рамка смета дека може да го контролира и кој нема сопствени политички амбиции“, рече Саџад Џијад, ирачки политички аналитичар и соработник во институтот Фондација Сенчери (Century Foundation).
Ал-Судани дојде на власт во 2022 година со поддршка на Рамката, но Џијад рече дека сега смета дека коалицијата „нема да му даде на ал-Судани втор мандат бидејќи стана моќен конкурент“.
Единствениот ирачки премиер кој отслужил втор мандат од 2003 година е Нури ал-Малики, првпат избран во 2006 година. Неговата кандидатура за трет мандат пропадна откако беше критикуван за монополизирање на власта и отуѓување на сунитите и Курдите.
Џијад рече дека Координативната рамка од тоа извлекла поука „дека еден амбициозен премиер ќе се стреми да ја консолидира власта на сметка на другите“.
Тој рече дека премиерот на Ирак мора да биде прифатлив за Иран и за Соединетите Држави – држави со огромно влијание врз Ирак, а и за врховниот шиитски свештеник на Ирак, ајатолахот Али ал-Систани.
На изборите, шиитските сојузи и листи во кои доминираат партиите од Координативната рамка, обезбедија 187 места, сунитските групи 77 места, курдските групи 56 места, покрај девет места резервирани за припадниците на малцинските групи.
Коалицијата за обнова и развој, предводена од ал-Судани, доминираше во Багдад и во неколку други провинции, освојувајќи 46 места.
Резултатите на ал-Судани, иако силни, не му дозволуваат да формира влада без поддршка од коалицијата, што го принудува да ја придобие целата Координативна рамка за да ги зачува своите политички изгледи.
Некои ја видоа оваа динамика на дело претходно овој месец кога владата на ал-Судани ја повлече ознаката за терористичка група што Ирак ја воведе за либанската милитантна група Хезболах и за јеменските бунтовници Хути – групи поврзани со Иран кои се во сојуз со ирачките вооружени фракции – велејќи, само неколку недели по воведувањето на мерката, дека тоа било грешка.
Координативната рамка го зајакна влијанието со отсуството од изборите на моќното Садристичко движење предводено од шиитскиот свештеник Муктада Садр, кој го бојкотира политичкиот систем откако не можеше да формира влада иако освои најмногу места на изборите во 2021 година.
Хамед ал-Сајед, политички активист и функционер на Националното движење Линија, независна партија која ги бојкотираше изборите, рече дека отсуството на Садр имало „централно влијание“.
„Го намали учеството во областите кои традиционално беа во неговата сфера на влијание, како што се Багдад и јужните гувернерии, оставајќи изборен вакуум што го искористија ривалските групи милиции“, рече тој, мислејќи на неколку партии во Координативната рамка кои исто така имаат вооружени крила.
Групите поврзани со вооружени крила освоија повеќе од 100 парламентарни места, што е најголем број од 2003 година.
Сунитските сили се обидоа да се реорганизираат во рамките на новата коалиција наречена Национален политички совет, со цел да го вратат влијанието изгубено по изборите во 2018 и 2021 година.
На курдската политичка сцена и понатаму доминираше традиционалната поделба меѓу Демократската партија на Курдистан и Патриотскиот сојуз на Курдистан, со меѓусебни преговори за претседателската функција.
Според конвенцијата, претседателот на Ирак е секогаш Курд, додека помоќниот премиер е Шиит, а претседателот на парламентот е Сунит.
Парламентот е должен да избере претседател во рок од 15 дена од ратификацијата на изборните резултати од страна на Сојузниот врховен суд, што се случи на 14 декември.
Парламентот треба да избере претседател во рок од 30 дена од својата прва седница, а премиерот треба да биде именуван во рок од 15 дена од изборот на претседателот, со предвидени 30 дена за формирање нова влада.
Новата влада ќе се соочи со големи економски и политички предизвици.
Тоа се високото ниво на јавен долг – повеќе од 90 илјади милијарди ирачки динари (69 милијарди долари), и државниот буџет кој сè уште зависи од нафтата за околу 90 проценти од приходите и покрај обидите за диверзификација, како и длабоко вкоренетата корупција.
Но, можеби најчувствителното прашање ќе биде иднината на Силите за народна мобилизација (СНМ), коалиција од милиции формирани за борба против групата Исламска држава додека таа дивееше низ Ирак пред повеќе од една деценија.
Тие формално беа ставени под контрола на ирачката војска во 2016 година, но во пракса и понатаму функционираат со значителна автономија. Откако терористичкиот напад предводен од Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година предизвика разорна војна во Газа, некои вооружени групи во СНМ почнаа напади врз американските бази во регионот како одмазда за поддршката на Вашингтон за Израел.
САД инсистираа Ирак да ги разоружа групите поддржани од Иран, што е тешка задача, со оглед на политичката моќ што ја поседуваат многу од нив и веројатното противење на Иран на таквиот чекор.
Двајца високи ирачки политички функционери, кои зборуваа под услов да не им се објавуваат имињата, изјавија дека Соединетите Држави предупредиле да не се избира за премиер некој што контролира одредена вооружена фракција, а исто така предупредиле да не им се дозволува на личности поврзани со милициите да ги контролираат клучните министерства или да заземаат значајни позиции во секторите за безбедност.
„Најголемото прашање ќе биде како да се постапува со проиранските партии со вооружени крила, особено со оние … кои Соединетите Држави ги означија како терористички“, рече Џијад.
Катаиб Хезболах, една од најмоќните милиции во Ирак, која САД ја означија како терористичка организација, во саботата издаде соопштение во кое ја отфрла можноста за предавање на оружјето.
Во соопштението се наведува дека оружјето на групата „ќе остане во рацете на нејзините борци“ и дека „не може да се водат никакви разговори со Владата пред заминувањето на сите окупациски сили, трупите на НАТО и турските сили, и пред да се обезбеди заштита на народот и светите места од екстремистичките групи“.
декември 22, 2025


