Вести
Мисајловски: 2026 ќе биде година на забрзана модернизација и посилни одбранбени капацитети
Министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешниот годишен брифинг со акредитираните одбранбени аташеа најави дека 2026 ќе биде година на забрзана модернизација и значително зајакнување на одбранбените капацитети. Тој оцени дека Армијата во изминатата година напредувала со забрзано темпо во интероперабилноста, обуката и опремувањето, а дека државата влегува во период со јасно дефинирани цели, стабилно финансирање и засилени инвестиции за клучните проекти.
Мисајловски потенцираше дека Армијата во 2025 година продолжила со забрзано темпо на модернизација, интероперабилност и зголемување на подготвеноста, а следната година тој процес ќе се засили.
За 2026 година имаме јасна цел – одбранбениот систем да биде модерен, функционален, отпорен и целосно усогласен со напорите за одвраќање на одбраната во контекст на колективната одбрана, кризниот менаџмент и кооперативната безбедност, нагласи министерот.
Тој подвлече дека стабилното финансирање, модернизацијата и грижата за персоналот остануваат трите носечки столба на одбранбената политика.
Трите приоритети на кои почива одбраната и за кои говорев на крајот на минатата година – тоа е стабилно буџетирање, дополнителен стимул во процесот на модернизација и целосното почитување и унапредување на правата и обврските кон вработените, се приоритетите кои можеа да се увидат во секој исчекор кој го направивме во 2025 година. А тоа се столбовите на кои ќе продолжиме да ја градиме одбраната и Армијата и во 2026 година, посочи тој.
Овој фокус, како што дополни, е поддржан и со зголемување на буџетот за следната година. Како што рече, одбраната во 2026 ќе располага со 358 милиони евра, што е 8,4 отсто повеќе од годинава, а само во модернизацијата ќе се вложат 116 милиони евра.
Следната година, нашиот буџет е во висина од 358 милиони евра, што е 8,4 проценти повеќе од овогодинешниот буџет. Со зголемување од над 27,7 милиони евра во буџетот на одбраната за следната година, гарантираме уште посилен развој и уште помодерна Армија со посилни капацитети – за национална и за колективна безбедност. Поконкретно на полето на градење на способности во напредна фаза се плановите за постигнување на пакетот на цели на способности и нивното финансирање утврдени на последниот Самит на Алијансата во Хаг. Во однос на модернизацијата на Армијата за која во 2026 година издвојуваме 116 милиони евра, што е речиси 10 милиони евра повеќе од средствата за модернизација во 2025 година, исто така продолжуваме со сите проекти за аквизиција, дополни министерот.
Додаде дека модернизацијата ќе биде фокусирана на подигнување на стандардите, мобилноста, огнената поддршка, комуникациските системи и личната заштита на секој припадник.
Нашите припадници тоа го заслужуваат. Тие покажаа и докажаа дека се вистински професионалци, посветени на службата и на нашата основна цел – безбедна држава, стабилен регион и силна колективна одбрана, нагласи министерот.
Во своето излагање, Мисајловски потсети дека 2025 година била година со рекорден број на воени вежби, што значително ја зголемило оперативната готовност.
Во 2026 година, продолжуваме со придонесот во мировни мисии и операции, како и во рамките на мултинационалните сили на НАТО. Со вкупно 185 лица за кои се планирани над 9 милиони евра продолжуваме да го зацврстуваме регионалниот мир и безбедност и да ја засилуваме колективната одбрана на Алијансата. Остануваме во КФОР во Косово, ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, УНИФИЛ во Либан, како и мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, рече министерот.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, го оцени придонесот на одбранбените аташеа како клучен за развојот на партнерствата.
Преку редовен дијалог, координирани активности и иницијативи за обука, постигнавме конкретни резултати кои ги зајакнаа одбранбените капацитети и интероперабилност, изјави Лафчиски.
Тој подвлече дека ова партнерство не само што ги засилува професионалните врски, туку создава „взаемна почит и доверба“ која е неопходна за стабилен безбедносен амбиент.
Од името на асоцијацијата на одбранбени аташеа, доајенот на групата порача дека само преку взаемна соработка можат да се постигнат заедничките цели на армиите што ги претставуваат.
Одговарајќи на новинаркси прашања, министерот за одбрана изјави дека Македонија не планира испраќање војници во Украина, нагласувајќи дека таква одлука „ниту била разгледувана, ниту се зема предвид“, и дека Армијата останува фокусирана на модернизацијата и исполнувањето на обврските во рамките на сојузништвата.
Воопшто не планираме такво нешто. Македонска војска нема да биде испратена на украинска територија. Ова многу пати сум го кажал и повторно го истакнувам. Ние се фокусираме на нашата модернизација и на нашите обврски. Секако, како дел од едно големо сојузништво, ќе помагаме на секој начин на кој можеме, но таква одлука ниту била на маса, ниту се разгледува.
За капиталните инвестиции, министерот истакна дека буџетот се реализира согласно динамиката на набавките, и дека дел од заштедите се пренасочени кон купување резервни делови за американските возила во Армијата.
За хеликоптерите „Леонардо“ рече дека се очекува два да пристигнат следната година, додека домашната наменска индустрија продолжува со развој и планира нови проекти во соработка со меѓународни партнери.
Во делот на наменската индустрија, има компании што сакаат да соработуваат со меѓународни партнери, да се спојуваат и да работат на различни проекти. Ние како Министерство сме тука да помогнеме во се што можеме. Има најави кои верувам дека самите компании ќе ги соопштат следната година. Ги повикувам сите компании да дојдат во Министерството – отворени сме за соработка, рече тој.
декември 22, 2025


