Connect with us

Свет

Украина и Португалија договорија заедничко производство на дронови, Монтенегро во посета на Киев

Украина и Португалија денеска постигнаа договор за заедничко производство на морски дронови, изјави советникот на украинскиот претседател Олександар Камишин, додека португалскиот премиер Луис Монтенегро е во посета на Украина со порака дека на земјата ѝ е неопходна финансиска помош и дека таа потреба не смее да биде занемарена.

– Докажавме дека нашите беспилотни површински бродови (USV) совршено функционираат против руските воени бродови и подморници. Сега ќе и помогнат на Португалија во одбраната на Европа од море, напиша Камишин на Х.

Португалскиот премиер Луис Монтенегро денеска е во официјална посета на Украина, каде што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а двајцата лидери оддадоа почит на загинатите украински војници на Михаиловскиот плоштад во Киев, соопшти Укринформ.

– Вечна слава на сите наши војници, на секој Украинец кој го даде својот живот за да може Украина да живее, напиша Зеленски на Телеграм.

Монтенегро пред новинарите на киевската железничка станица изјави дека на Украина ѝ е неопходна финансиска помош и оти таа потреба не смее да биде занемарена.

– Повеќе од која било друга земја, на Украина ѝ е потребна нашата солидарност и блискост, како и нашата посветеност. Токму тоа го носиме, рече португалскиот премиер.

Тој додаде дека Португалија ја поддржува Украина преку бројни програми, од хуманитарни и социјални иницијативи до воена и политичка помош, како и преку зајакнување на врските меѓу двете земји и нивните заедници.

Ова е прва посета на Монтенегро на Украина од почетокот на руската инвазија, а со него во Киев допатува и министерот за одбрана на Португалија Нуну Мело.

За време на престојот во Киев, португалскиот премиер планира и средби со украинската премиерка Јулија Свириденко и претседателот на украинскиот парламент – Врховната рада Руслан Стефанчук.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4