Свет
Саудиска Арабија им дозволи и на странските резиденти да купуваат алкохол во продавница во Ријад
Саудиска Арабија им овозможи на богатите странски резиденти да купуваат алкохол во единствената продавница во која се продава алкохол во Ријад, што се толкува како најнов чекор во процесот на претпазлива либерализација на некогаш ултраконзервативното кралство.
За оваа одлука немаше официјална најава од властите, но информацијата брзо се прошири меѓу странците во земјата.
Пред дискретната, необележана продавница во дипломатскиот кварт на саудискиот главен град, во последните денови можат да се забележат долги редици автомобили и луѓе, јавија светските агенции.
Продавницата беше отворена во јануари 2024 година исклучиво за немуслимански дипломати, додека новите правила сега им дозволуваат да купуваат алкохол и на немуслиманските странци кои имаат дозвола за таканаречен премиум престој.
Овој вид статус на престој е наменет за странци со специјализирани вештини, инвеститори и претприемачи и е дел од поширока стратегија за привлекување странски капитал и експерти.
Саудиска Арабија го забрани алкохолот на почетокот на 1950-тите.
декември 21, 2025


