Connect with us

Свет

Фидан: Израелското кршење на примирјето го загрозува мировниот план, разговорите во Мајами охрабруваат

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека израелското кршење на примирјето во Газа го загрозува мировниот план, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави, Катар и Египет се согласни по ова прашање и додаде дека за време на разговорите на делегациите во Мајами се постигнати „охрабрувачки договори“.

– Првата фаза е завршена по предавањето на последното тело на заложник, а сега се разговара за стандардите за премин во втората фаза, рече Фидан, нагласувајќи дека состанокот во Мајами бил „најважен“ по самитот во Шарм ел-Шеик, пренесува денеска Ал Џезира.

Турскиот министер додаде дека состанокот бил многу позитивен и овозможил детална дискусија за проблемите што се појавиле во првата фаза. Тој, исто така, истакна дека Турција јасно нагласила дека кршењето на примирјето, особено израелското, го загрозува мировниот план и претставува голема пречка за премин во следната фаза.

Фидан рече и дека четирите земји посредници – Турција, Катар, Египет и САД, ќе продолжат да одржуваат консултации на високо ниво за да осигураат напредок и ефикасна реализација на планот.

Една од клучните теми на состанокот беше и подготовката за обнова на Газа, а Турција, како што истакна Фидан, постави три клучни принципи во врска со тоа – дека Газа мора да ја водат нејзините жители, дека територијата на Газа не смее да биде поделена и дека сите работи во Газа треба да бидат во интерес на нејзините луѓе. Фидан истакна дека се очекуваат големи вложувања во обновата на Газа и дека тие вложувања ќе бидат насочени кон благосостојба на нејзините жители.

Турскиот министер за надворешни работи присуствуваше на состанокот на претставниците на САД, Египет, Катар и Турција во Мајами на Флорида, на кој беа разгледани наредните чекори во фазната имплементација на Сеопфатниот мировен план за Газа, соопшти синоќа турското Министерство за надворешни работи.

Состанокот во Мајами беше одржан во петокот, за да се разгледаат следните чекори во врска со планот за прекин на огнот во Газа. Според мировниот план за Газа, кој беше усвоен на предлог на САД, на 10 октомври стапи во сила примирјето меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас, со што почна првата фаза од мировниот план за прекин на војната што почна во октомври 2023 година, по терористичкиот напад на Хамас на југот на Израел.

По исполнувањето на сите обврски од првата фаза на мировниот план, кои се однесуваа пред сè на предавањето на Израел на сите живи и на телата на сите мртви заложници кои Хамас ги киднапираше во октомври 2023 година, најавено е дека мировниот план ќе премине во наредната фаза, во која е најавено, меѓу другото, основање на Одбор за Газа кој ќе ја надгледува работата на цивилната управа, како и формирање на меѓународни сили кои воено би ја надгледувале состојбата во Појасот Газа

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4