Политика
Седница на Централниот одбор на ЗНАМ: Реализирани се поставените политички цели за Локалните избори 2025
Централниот одбор во проширен состав на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија вечерва одржа седница на која беа разгледани и усвоени извештаите и анализите од Локалните избори 2025 година, како и заклучоците за понатамошното политичко дејствување на партијата, наведува ЗНАМ во соопштение кое МИА го пренесува интегрално.
Централниот одбор констатираше дека поставените политички цели за овие избори се реализирани и дека ЗНАМ од изборниот процес излегува посилно,
поконсолидирано и политички појасно позиционирано од кога било досега, како сериозна и одговорна политичка сила со јасна насока на развој.
Со речиси 40.000 освоени гласови на советничките листи и присуството на ЗНАМ во повеќе од 45 општински совети, Движењето уште еднаш потврди дека
не е ниту проект, ниту привремена појава, туку стабилна и растечка политичка опција со поддршка низ целата територија на државата.

Настапот на ЗНАМ на овие локални избори беше самостоен и принципиелен, со јасна определба дека довербата на граѓаните не се купува по секоја
цена, туку се гради со јасни ставови, конзистентни политики и реални резултати. ЗНАМ свесно избра да расте одговорно и контролирано, водејќи
се од долгорочниот интерес на државата, а не од дневно-политички калкулации.
Во таа насока, Централниот одбор ги дефинираше и следните чекори во натамошното јакнење на партиската структура и политичкото дејствување.
Во наредниот период ќе се пристапи кон формирање на Клуб на млади и Клуб на жени во рамки на Движењето ЗНАМ, како организирани форми за активно
вклучување на младите и жените во креирањето политики, јакнењето на кадровскиот потенцијал и модернизацијата на политичкиот пристап на партијата.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија продолжува со уште појасна визија, засилен државотворен наратив и цврста решеност да биде фактор на
стабилност, ред и одговорност во македонската политика, уверено дека добиената поддршка од граѓаните претставува темел врз кој ќе се гради уште посилна позиција на следните парламентарни избори.



