Свет
ЕУ воведе санкции кон уште 41 танкер вклучени во т.н. руска флота во сенка
Советот на ЕУ денеска донесе одлука за воведување рестриктивни мерки кон уште 41 брод, кои се дел од т.н. руска флота во сенка, составена од танкери за нафта со кои енергенсот се извезува од Русија и со тоа земјата остварува дополнителни приходи.
Со денешната одлука на овие танкери, регистрирани во трети земји, им се забранува пристап до пристаништа во ЕУ, како и користење широк спектар на услуги поврзани со поморскиот транспорт.
Во одлуката се нагласува дека Русија ги користи овие танкери за заобиколување на механизмот за ограничување на цените на нафтата и за поддршка на својот енергетски сектор.
Со ова сега на листата на санкционирани пловила поврзани со руската флота во сенка се наоѓаат речиси 600 брода.
Покрај танкери, на неа се вклучени и бродови со кои се транспортира воена опрема за Русија или се превезуваат жито и културни добра илегално земени од Украина.
декември 19, 2025


