Connect with us

Свет

Земјоделски протести во Брисел

На денот на одржувањето на Самитот на ЕУ кој се оценува како клучен за обезбедувањето финансирање на Украина, во Брисел се одржуваат протести на земјоделците од целата Европска Унија со барање за поголем земјоделски буџет, посилни трговски заштитни мерки за земјоделството и помали ограничувања за земјоделското производство.

Организаторите очекуваат на протестот да учествуваат околу 10.000 членови на 40 до 45 национални земјоделски здруженија од цела Европа, кои со своите трактори и друга механизација пристигнаа во Брисел.

Според белгиските медиуми, на неколку локации во Брисел имало помали инциденти уште пред почеток на протестот. Така, група земјоделци мавале со камења по полицајци пред Европскиот парламент, на неколку места биле запалени огнови на улиците, а имало и обиди за пробивање на полициските блокади, поради што полицијата накратко реагирала и со водни топови.

Предвидено е делегација на штрајкувачите да има средба со еврокомесарот за земјоделство Кристоф Хансен, за да му ги пренесат барањата на земјоделците од денешниот протест.

Земјоделците се противат на евентуално намалување на земјоделските субвенции со новата повеќегодишна рамка на ЕУ за по 2027 година и на склучувањето на договори за слободна трговија со трети земји во делот на увозот на земјоделски производи, а особено се против Спогодбата со јужноамериканските држави од асоцијацијата Меркосур, и дополнително бараат олеснување на административните правила и намалување на трошоците за земјоделството.

Протестите започнаа во близина на Ботаничката градина во поширокото централно подрачје на Брисел, од каде земјоделците се упатија кон т.н. европски кварт за да стигнат до зградите на Европската комисија и Советот на ЕУ. Предвидено е протестот да заврши попладнево со собир на плоштадот „Луксембург“ пред Европскиот парламент.

Поради ова, Европскиот парламент им препорача на своите вработени „доколку е можно“ денеска да останат да работат од дома.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4