Скопје
Стаменкоска Трајкоска: Во напредна фаза изградбата на повеќенаменска спортска сала во ПОУ „Круме Кепески“ во Припор
Нова повеќенаменска спортска сала се гради во Подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор каде денеска увид во изградбата изврши градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Како што инфрормираат од локалната самоуправа, се работи за спортски објект со површина од околу 500 квадратни метри, кој на учениците ќе им обезбеди современ простор за спортски активности, а училиштето ќе може да организира повеќе настани, натпревари и вежби во услови кои ги следат највисоките стандарди за безбедност и функционалност. Изградбата на салата се реализира преку финансиска поддршка добиена од Владата преку повикот за изградба на капитални објекти по општините. Интензивната работа на терен ќе овозможи салата да биде завршена во текот на второто полугодие, значително порано од предвидениот рок од две години.

-Многу сум задоволна што учениците на ПОУ „Круме Кепески“ наскоро ќе добијат современ простор за спорт. Физичката активност е од исклучително значење за здравјето и развојот на децата, но исто така ги учи на тимска работа, дисциплина и одговорност. Со оваа сала, училиштето ќе може да организира редовни часови по физичко образование, тренинзи и натпревари, но и различни спортски настани кои ќе ги мотивираат децата да се занимаваат со спорт уште од мали нозе. Горда сум што во нашата општина, преку соработка со Владата и преку вложување во капитални објекти, создававме услови кои ги поддржуваат младите и нивниот здрав развој, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
декември 18, 2025


