Connect with us

Вести

Потпишана ревидирана Политика за интегритет во правосудството која треба да ја зголеми отпорноста на корупција и надворешни влијанија

Ревидираната Политика за интегритет која ги опфаќа судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители и која носи ажурирани процедури и методологии за набљудување, вклучително и Прирачникот за офицери за интегритет во судството беше промовирана и потпишана денеска во Скопје на настан во организација на Мисијата на ОБСЕ и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Претседателот на ДКСК Адем Чучуљ во обраќањето на настанот истакна дека промоцијата и потпишувањето на ажурираната Политика за интегритет во судството не е само институционална формалност.

-Тоа е заедничка изјава дека интегритетот не е „додаток“ на правдата, туку нејзин предуслов, дека довербата не се очекува, туку се гради трпеливо, одговорно и мерливо. Судството е столб на правната држава. Кога интегритетот во судството е јасен, жив и мерлив се стабилизира и целиот правен систем. Денешниот чин е сигнал дека ја разбираме оваа одговорност. Затоа, денешниот настан има особена вредност затоа што, со полна сериозност и со конкретни алатки, почнуваме системски да го акцентираме судството. Тоа е најсилниот сигнал што може да го испратиме до јавноста: дека реформите се насочени токму таму каде граѓаните ја мерат државата најдиректно, во судниците, во процесите, во одлуките и во институциите што го обликуваат квалитетот на правдата, рече Чучуљ.

Тој потсети дека соработката на ДКСК со судовите во делот на имплементацијата на системот на интегритет започнала во 2023 година, токму од потребата да се пристапи системски и одржливо кон интегритетот во правосудството.

-Во текот на минатогодишното оценување, преку реални сознанија и повратни информации од терен, беа увидени сериозни потреби за измена и прецизно специфицирање на Политиката, како и за унапредување на прашалниците. Денешниот резултат е одговор на тие наоди, потврда дека ја третираме имплементацијата како процес што се подобрува врз основа на докази. Овде сакам посебно да ја истакнам добрaта соработка и големата поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Ова партнерство не беше само техничка помош или проектна поддршка. Тоа беше стратешко вложување во процес што бара зрелост: да се создаде документ што не е декларативен, туку применлив, да се отвори простор за дијалог меѓу институциите, да се обезбеди методолошка строгост и стандардизација, а притоа да се почитуваат спецификите на судството и неговата независност. На ОБСЕ ѝ благодариме за континуитетот, професионалноста и чувствителноста со која беше воден процесот, нагласи претседателот на ДКСК.

Тој појасни дека ажурираната Политика за интегритет во судовите, Судскиот совет и Академијата тргнува од едноставна, но суштинска мисла: интегритетот е темел на доброто управување и одржлив одговор на корупцијата. Таа, додава Чучуљ го дефинира интегритетот не како апстрактен идеал, туку како конкретна професионална должност, законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно постапување, со кое се штити угледот на институциите и се елиминираат ризиците и сомнежите што ја разоруваат довербата.

-Кога зборуваме за системот на интегритет во судството, зборуваме за сет стандарди што се директно релевантни за секојдневната работа на институциите: заштита на јавниот интерес и спречување судир на интереси, почитување на релевантните етички кодекси, управување со човечки ресурси врз основа на заслуги и квалификации – со транспарентност и отпорност на непотизам и недозволени влијанија, рационално и ефикасно управување со јавните ресурси, високо ниво на транспарентност и пристап до информации од јавен карактер, заштитено пријавување од укажувачи, како столб на превенцијата, системи за управување со квалитет и што е особено значајно, родово-чувствителна и инклузивна перспектива, бидејќи различностите влијаат врз ризиците и врз начинот на кој механизмите за интегритет треба да функционираат, додаде Чучуљ.

Тој посочи дека Политиката создава и јасна точка на координација и поддршка – назначување лице за интегритет и заменик, со координативна и советодавна улога, со задача да следи имплементација, да советува за дилеми и да предлага мерки, секогаш во согласност со независноста на институциите и надлежностите утврдени со закон.  Во делот на следењето, појаснува Чучуљ, Политиката воспоставува двостепен систем – внатрешно следење во рамките на институцијата и надворешно следење од страна на ДКСК.

-Ова не треба да се гледа како контрола заради контрола, туку како механизам за квалитет, да се утврди ефикасноста на мерките, да се измери намалувањето на ризиците и да се обезбеди отчетност преку редовно и навремено известување. Исто толку важно е да кажеме дека овој процес не завршува денес. Следниот чекор е суштината – имплементацијата и мерењето. Токму затоа, во 2026 година ја продолжуваме соработката со Мисијата на ОБСЕ во Скопје со фокус на развој на соодветни прашалници и методологија за следење на системот на интегритет во судовите, Судскиот совет и Академијата, како и унапредување на придружните документи, вклучително и прирачниците и насоките за лицата за интегритет, истакна Чучуљ.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал во своето обраќање нагласи дека системите за интегритет постојат за да ги заштитат професионалците во т.н. сиви зони и додаде дека и најдобриот систем во светот не вреди ништо доколку нема коригирање во однесувањето на индивидуата.

Тој го спомена истражувањето на ОБСЕ за состојбата со корупцијата во земјава, при што истакна дека охрабрува тоа што 60 проценти од сите судии не веруваат дека постоечките механизми се ефикасни за заштита на судската функција од надворешен притисок и влијанија, а околу 50 проценти од судии не веруваат дека постоечкиот систем за заштита од судир на интереси е целосно ефикасен за превенирање на такви ситуации.

-Она што треба да го сториме сега е да се придвижиме од декларативност кон целосна примена, од потпишување кон акција, од зборување кон поддржување на јасни стандарди. Интегритетот не е статичен и нешто што се постигнува еднаш засекогаш, тоа е континуиран процес, рече Вал.

Тој додаде дека довербата се гради преку постојана примена, мониторирање и подобрување на механизмите.

-Во однос на поголемата слика ревидираната Политика за интегритет придонесува за пошироките напори на земјава во справување со корупцијата, зајакнувањето на превентивните заштитни механизми, зајакнување на етичкото однесување и лидерството, испраќање на јасна порака дека интегритетот е поделена одговорност, рече Вал и потсети дека во овој пакет спаѓаат измените на Кривичниот законик, но и воопшто реформите во правосудниот систем.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер нагласи дека владеењето на правото и почитувањето на човековите права се клучните вредности на ЕУ. Таа посочи дека и меѓународниот поредок има пукнатини, поради што и темелите на традиционалните демократии повеќе не се имуни. Суштински во моментов, рече таа, како за земјите-членки, така и за оние кои чекорат на патот за членство во ЕУ е да се фокусираат на европските темелни вредности.

Таа истакна дека независен, ефикасен и непристрасен судски систем е клучен за владеењето на правото, при што не е важно само како институциите функционираат, туку и како се перцепираат од граѓаните.

Дрекслер ја спомена ниската доверба од два осто во судството и напомена дека во таква средина е мошне тешко од внатре самиот систем да ги согледа сопствените слабости и да биде критичен. 

-Постоењето на силни политики за интегритет е вистинскиот пристап, рече таа и додаде дека мора да се пронајдат начини како да се зајакне отпорноста на системот. Нагласи дека овие политики за интегритет имаат различни форми во Европа во различни легални традиции и системи.

-Во Германија на пример интегритетот на судството се поддржува со комбинација на легални начини за заштита, институционални проверки, етички стандари и преветивни пристапи, рече таа, но напомена дека во Германија нема единствена целосно артикулирана политика, поради што, како што посочи не може да даде препораки од нивното национално искуство.

Но важно е да се нагласи, додаде амбасадорката, дека ниту еден систем никогаш не е завршен и постојатно мора да се испитува дали механизмите функционираат.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4