Свет
Макрон се надева дека ЕУ ќе најде начин да ги финансира воените напори на Украина
На овогодишниот самит на ЕУ, Европа ќе најде заеднички став за тоа како да ги финансира воените напори на Украина, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.
– Европската комисија изнесе неколку опции и покренати се важни дискусии за тоа како да се искористи рускиот имот. Мислам дека мораме сите да се обединиме и да заземеме заеднички став, рече Макрон пред самитот.
Лидерите на Европската Унија денеска расправаат за начините на финансирање на Украина за периодот 2026 – 2027 година, а полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека Европа се соочува со избор помеѓу „пари денес или крв утре“.
– Сега имаме едноставен избор – или пари денес или крв утре. И не зборувам само за Украина, зборувам за Европа. Ова е одлука што мораме самите да ја донесеме, рече Туск, повикувајќи ги европските лидери да преземат одговорност.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон пред почетокот на самитот во Брисел изјави дека сè уште нема индиции за договор меѓу државите членки на ЕУ за користење на замрзнатиот руски имот за финансирање на Украина.
Холандскиот премиер Дик Схоф рече дека очекува разговорите да доведат до договор, со поддршка од Белгија. Тој порача дека го разбира барањето на белгискиот премиер Барт де Вевер ризиците поврзани со користењето на рускиот имот да се поделат меѓу сите членки на ЕУ.
Сепак, унгарскиот премиер Виктор Орбан по пристигнувањето на самитот изјави дека финансирањето на Украина преку заеднички кредит на ЕУ е неприфатливо за Унгарија.
ЕУ има намера да искористи 210 милијарди евра замрзнат руски имот како основа за заем за Украина. Агенциите наведуваат дека без оваа финансиска помош, Украина ќе остане без пари во вториот квартал од следната година и најверојатно ќе ја изгуби војната, што кај ЕУ предизвикува страв од можна понатамошна руска агресија врз земјите на Унијата.
декември 18, 2025


