Свет
Кошта: Самитот на ЕУ нема да заврши без одлука за финансирањето на Украина
Денеска ќе се фокусираме на покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година и на одобрување на планот за реализација на ова прашање, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта пред почетокот на денешниот Самит на ЕУ во Брисел.
– Како што знаете, Комисијата презентираше неколку опции и работиме на нив, особено на една – заемот за репарации, која има голема поддршка во Европскиот совет. Можам да гарантирам дека ќе работиме на ова денеска, а доколку е потребно и утре, и нема да го завршиме овој Совет без конечна одлука за обезбедување на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, рече Кошта.
Тој потсети дека на октомврискиот Самит на ЕУ, покрај за финансиската поддршка на Украина, лидерите донесоа и уште една одлука и тоа за замрзнување на руските средства во Европската Унија до крајот на војната и додека Русија не ѝ плати репарации на Украина.
– Оваа недела, Советот одобри долгорочно замрзнување на руските средства во Европа, рече Кошта, нагласувајќи дека сега треба да се одобри и втората одлука – за финансирањето на Украина.
Според него, усвојувањето на оваа одлука е клучно за да се обезбеди притисок врз Русија и да се осигури дека Украина ќе биде во најдобра позиција за да постигне мировен договор.
– Нашата цел е што поскоро да обезбедиме воспоставување траен мир во Украина, за Украинците и за безбедноста на Европа, рече Кошта.
Во однос на противењето на Белгија на заемот за репарации, Кошта нагласи дека за сите белгиски забелешки е разговарано на пријателки и конструктивен начин за да се отстрани загриженоста на земјата.
– Можете да бидете сигурни дека нема да го завршиме овој Совет без конечна одлука (за финансирањето на Украина) и нема да одобриме решение што нема да ја обезбеди сета сигурност за Белгија и Белгијците, истакна претседателот на Европскиот совет.
Кошта додаде и дека покрај Украина, на агендата на Самитот се и други прашања, како оние поврзани со проширувањето, геоекономијата и долгорочниот буџет за Европската Унија.
декември 18, 2025


