Свет
Кина ги повика САД да ја запрат продажбата на оружје на Тајван
Кина денеска ги повика Соединетите Американски Држави веднаш да го прекинат, како што наведе, „опасниот чин“ на вооружување на Тајван, откако Вашингтон одобри масовна продажба на оружје на регионот.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, на прес-конференција изјави дека „американската одлука за продажба на напредно вооружување на кинескиот регион Тајван е грубо кршење на принципот на една Кина“.
Според него, овој потег сериозно ги нарушува суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на Кина, го загрозува мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец и испраќа погрешен сигнал до силите кои се залагаат за „независност на Тајван“.
Соединетите Американски Држави одобрија продажба на оружје на Тајван во вредност од околу 11,1 милијарди долари, со цел да се зајакне одбранбената способност на островот.
Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка на САД (DSCA), во осум посебни соопштенија со детали за продажбите, наведе дека тие „ќе помогнат во подобрувањето на безбедноста на примателот и ќе помогнат во одржувањето на политичката стабилност, воениот баланс и економскиот напредок во регионот“.
Пакетот вклучува самоодни хаубици и сродна опрема во проценета вредност од 4,03 милијарди долари, високомобилни артилериски ракетни системи (HIMARS) и соодветна опрема во вредност од околу 4,05 милијарди долари, софтвер за тактички мрежни мисии, опрема и услуги во вредност од околу 1,01 милијарди долари.
DSCA соопшти дека продажбата „ќе ја подобри способноста на примателот да се справи со сегашните и идните закани преку зајакнување на самоодбраната на неговите сили. Примателот нема да има потешкотии да ја апсорбира оваа опрема и услуги во своите вооружени сили“.
Американската агенција, исто така, нагласи дека продажбата „нема да го промени основниот воен баланс во регионот“.
декември 18, 2025


