Connect with us

Свет

Јапонското обвинителство побара доживотен затвор за убиецот на премиерот Абе

Јапонското обвинителство денеска побара казна доживотен затвор за убиецот на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе во 2022 година. Случајот го сврте вниманието на јавноста кон контроверзната „Црква на обединувањето“ и нејзините сомнителни врски со политичарите.

Тецуја Јамагами го призна убиството на Абе за време на судењето во Окружниот суд во Нара, велејќи дека ѝ замерувал на „Црквата на обединувањето“ поради финансискиот колапс што го претрпело неговото семејство поради огромните донации на неговата мајка за таа верска група.

Четириесет и петгодишниот атентатор е обвинет дека го убил Абе со рачно изработено огнено оружје за време на говорот на поранешниот премиер на изборите на 8 јули 2022 година, во градот Нара на југот на Јапонија.

Обвинителите истакнаа дека Јамагами верувал дека атентатот врз Абе, кој испратил видеопорака на настан организиран од група тесно поврзана со „Црквата на обединувањето“, ќе го насочи „вниманието на јавноста кон таа организација“. Тие оценија дека тешкото детство на обвинетиот не треба да се користи како оправдување за намалување на казната.

Адвокатот на Јамагами, пак, рече дека тој ѝ замерувал на црквата бидејќи неговата мајка донирала 100 милиони јени (640.000 долари), што го довело неговото семејство до банкрот. Според одбраната, ова треба да се земе предвид како олеснителна околност при изрекувањето на пресудата.

За време на судењето беше откриено дека мајката на Јамагами се приклучила на верската група во 1991 година, откако нејзиниот сопруг извршил самоубиство во 1984 година. Самиот обвинет се обидел да изврши самоубиство во 2005 година, а неговиот постар брат, огорчен од големите донации на нивната мајка, си го одзел животот во 2015 година.

Јамагами изјави дека првично цел му бил водачот на „Црквата на обединувањето“, Хан Хак-џа, но бидејќи пандемијата на коронавирусот му ги отежнала посетите на Хан на Јапонија, тој го префрлил својот фокус на Абе. Обвинетиот верувал дека Абе, кој имаше 67 години кога беше застрелан, бил „во центарот на политичкиот ангажман на Црквата на обединувањето во Јапонија“.

Пресудата ќе биде донесена на 21 јануари, пренесува агенцијата Кјодо.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 4