Скопје
Одбележани 105 години Филозофски факултет: Темел на хуманистичката мисла и научната традиција
Филозофскиот факултет останува клучна институција во развојот на македонското општество – темел на хуманистичката мисла, извор на научна извонредност и генератор на кадри што ја обликуваат државата повеќе од еден век. Ова беше главната порака на одбележувањето на јубилејот 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска во своето обраќање ја истакна историската улога на факултетот во развојот на македонското општество и во создавањето генерации научници, истражувачи и општествени визионери.
-Повеќе од еден век придонес кон градење на општеството, кон градењето на генерации научници, истражувачи и општествени визионери кои некогаш и сега ја обликуваат државата, рече Јаневска, изразувајќи благодарност до професорите и вработените за нивната посветеност и научен придонес.
Таа нагласи дека улогата на високото образование е клучна за развојот на современото општество, посочувајќи дека универзитетите не се само институции за стекнување диплома, туку простори каде се создаваат критички и општествено одговорни граѓани.
Јаневска потсети и на заедничката работа со академската заедница околу реформите во гимназиското образование, оценувајќи дека конструктивниот дијалог е неопходен за подобрување на системот.
Министерката истакна дека Филозофскиот факултет има силна стратешка улога и во креирањето државни политики, бидејќи активно учествува во изработката на клучни национални стратегии.
-105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме, нагласи таа.
Ректорката на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова, нагласи дека Филозофскиот факултет е „живо сведоштво за историјата, културата, научното созревање и духовниот развој на македонското општество“, потсетувајќи дека неговата приказна е нераскинливо поврзана со развојот на Универзитетот и современиот македонски идентитет.
-Филозофскиот факултет е институција која низ генерации создавала научници, интелектуалци, истражувачи и визионери. Од неговите катедри произлегле дисциплини што ги поставиле темелите на македонската филозофија, педагогија, историја, психологија, археологија, социологија, социјална работа, специјална едукација и рехабилитација, библиотекарство, родови студии, мировни студии и многу други области без кои денес не можеме да го замислиме ниту образовниот систем, ниту општеството во целина, рече таа.
Дополни и дека Филозофскиот факултет како прва институција има клучна улога во трасирањето на патот на модерното високо образование, а неговата мисија се прошируваше со основањето на другите факултети и научни центри во текот на децениите.
-Така се создаде комплексната академска структура на Универзитетот, во која Филозофскиот факултет остана симбол на почетоците и визионерската насока, а заедно со другите единици ја носи одговорноста за развојот на науката, културата и образованието во македонската држава, дополни таа.
Ректорката ја нагласи потребата за континуирани инвестиции во современи студиски програми, научна инфраструктура и развој на наставниот кадар, со цел факултетот и понатаму да остане лидер во хуманистичките и општествените науки.
Деканот на Филозофскиот факултет, Оливер Бакрески, истакна дека факултетот е столб на образовниот интегритет, но и ризница и трезор на македонското образовно богатство со богато научно наследство.
-Несомнено, Филозофскиот факултет е нешто повеќе од жив организам. Тој дише со мислите на студентите, расте со трудот на професорите и се обновува со секоја нова генерација што пристигнува во неговите амфитеатри и предавални, рече тој.
Дополни дека, наша должност е да ја чуваме и негуваме оваа традиција и цврсто, достоинствено и гордо да чекориме напред по патеките на нашите претходници.
-Само така ќе се оддолжиме на луѓето кои работеле на факултетот, и само така ќе го чуваме овој национален образовен храм. Со право постојано ќе се навраќаме и ќе се потсетуваме на нивниот ангажман, пожртвуваност, љубов и визија, но и на нивната посветеност и истрајност, на трудот и енергијата што ја вложувале и ја вложуваат во ова образовно светилиште, дополни тој.
Со овој настан се одбележаа 105 години од првите обиди за институционализирање на високото образование во Македонија. Филозфскиот факултет е и првата единица на македонскиот универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.
декември 17, 2025


