Connect with us

Вести

Новиот план за просторно планирање на државата во нацрт-верзија, ќе важи до 2040 година

Наредната година се планира да биде донесен Предлог-планот за просторно планирање на ниво на држава. Во моментот, тој е во фаза на Нацрт-план кој е предаден на доработка во Министерството за животна средина и просторно планираењ. Новиот план за просторно планирање ќе биде за период до 2040 година. 

Директорот на Агенцијата за планирање на просторот Александар Гелевски вели дека имаат изготвено методологија за постапката и процедурата како ќе се носи.

– Во моментов, Агенцијата ги има предадено Нацрт-просторниот план. Се очекува планскиот период да биде до 2040 година. Во наредната година планираме да биде донесен Предлог-планот. Тој треба да помине во собраниска процедура и да се донесе. Просторен план се носи неколку години. Имаме изготвено методологија, за постапката и процедурата тоа како се носи. Во оваа фаза изготвена е само Нацрт-верзијата и таа е предадена на разработка во Министерството за животна средина и просторно планирање, изјави денеска Гелевски на свеченоста на која Агенцијата одбележа 20 години постоење.

Од Владата очекуваат новиот план за просторно планирање да биде донесен низ транспарентен процес и со него да се решат бројни дилеми и да се постави патот за развој на државата до 2040 година. 

– Интензивно работиме со Агенцијата за просторно планирање. Политички да одговорам – директорот е кадар на нашиот коалициски партнер, така што коалициско ниво имаме добра соработка во однос на ова прашање. Очекувам во еден транспарентен процес да се донесе новиот просторен план, којшто треба да реши бројни дилеми, отворени прашања и да постави  пат за развој на државата до 2040 година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Новиот план за просторно планирање, како што посочи Николоски, треба да понуди и нов инфраструктурен концепт за развојот на државата. 

– Би сакал да ја потенцирам важноста на новиот просторен план од следните причини: Македонија како природна крстосница меѓу Југоисточна и Централна Европа, има геостратешка важност која произлегува од положбата на коридорите Исток–Запад и Север–Југ, односноа Коридорите 8, 10 и 10 – д. Понатаму близината на јужните пристаништа и улогата како транзитна земја за транспорт, енергија и трговијата. Гледаме во овие глобални предизвици колку е важно Македонија енергетски да се поврзува и во таа насока изградбата на интерконекторот кој не поврзува со Грција како и планираниот интерконектор со Србија, ќе значи дека Македонија ќе стане и енергетска раскрсница. А во меѓувреме интензивно се работи и на далноводно поврзување и со Албанија преку далноводот Охрид-Елбасан. Тука се автопатите, железничките поврзувања, логистичките центри, мултимодуларните јазли особено јазолот со вкрстувањето на коридор 10 со коридор 8, подобрување на меѓуграничната поврзанот и др. И затоа сметам дека треба да постои добра соработка со сите институции на изработка на тој документ кој ќе се почитува и со кој ќе се следи развојот на државата, истакна Николовски во обраќањето на свеченоста по повод 20 години Агенција за планирање на просторот.  

Важноста на постоечкиот план за просторно планирање е помината, но директорот на Агенцијата за планирање на просторот појаснува дека додека не се донесе новиот план, во важност е се уште стариот. 

– Иако истекол планскиот период, тоа не значи дека планскиот документ не важи. Во моментот сè уште важи претходниот просторен план и тој ќе се применува сè  донесувањето на новиот просторен план, вели Гелевски. 

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1