Свет
Киев и Москва разменија цивили и си предадоа пошта за воени заробеници
Украина и Русија извршија размена на цивили на границата меѓу Украина и Белорусија, соопштија денеска претставници за човекови права од двете страни.
Вкупно 60 цивили беа предадени на Украинците, од кои 45 биле задржани во Русија, додека 15 цивили од 11 семејства беа префрлени во Русија.
„Повеќето од вратените лица имаат ограничено движење. Тие ќе бидат пренесени во болница за прва помош“, објави на Телеграм украинскиот комесар за човекови права, Дмитро Лубинец.
Руската комесарка за човекови права, Татјана Москалкова, извести за префрлањето на цивилите во Русија.
Двете страни соопштија дека е разменета и пошта за воените заробеници, при што се предадени 2.000 пакети за украинските заробеници во Русија.
Тие, исто така, наведоа дека се постигнати договори за идентификација на исчезнатите лица и дека се разменети списоци за исчезнатите.
Според Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Русија држи повеќе од 6.000 украински воени заробеници.
Украина се брани од руската инвазија од февруари 2022 година.
декември 17, 2025


