Свет
Ирак го пречека првиот европски лет до Багдад по 35 години
Лет на грчката авиокомпанија „Аегеан ерлајнс“ (Aegean Airlines) слета денеска во Багдад, што е прв европски патнички авион што слетал во ирачката престолнина по 35 години.
Овој настан го означува враќањето на Ирак „како безбеден и сигурен воздухопловен центар по години предизвици“, соопшти Министерството за транспорт.
Владата планира дополнително да го „развие секторот на цивилното воздухопловство, да ја подобри отвореноста кон светот и да го позиционира ирачкиот воздушен простор како мост за глобално поврзување“, се додава во соопштението.
„Аегеан ерлајнс“ планира првично да оперира два лета неделно меѓу Атина и Багдад. Бројот на конекции може да се зголеми во зависност од побарувачката.
„Оман ер“ (Oman Air) исто така има намера во иднина да нуди летови од Багдад до дестинации во Европа.
По инвазијата на соседен Кувајт во 1990 година, Советот за безбедност на ОН воведе економско ембарго и сеопфатни санкции против Ирак. Ова доведе до речиси целосен прекин на меѓународните летови кон земјата.
Со соборувањето на диктаторот Садам Хусеин во 2003 година, многу санкции беа укинати, а земјата постепено повторно се поврза со меѓународниот воздушен сообраќај.
декември 17, 2025


