Connect with us

Вести

Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование

Министерството за внатрешни работи денеска официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука, информираат од МВР.

Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.

Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.

Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.

Како што соопштија од Мисијата на ОБСЕ во центарот на иницијативата е новиот Мултимедијален центар за обука при Центарот за обука Идризово како и онлајн-платформа за учење, која е лесна за користење, кои се целосно интегрирани во и управувани од страна на Министерството. Дополнително, 18 домашно обучени инструктори сега се опремени со знаење да дизајнираат и држат хибридни курсеви на долгорочна основа, водејќи сметка системот да продолжи да се развива одвнатре во самата институција.

Во неговото обраќање на завршниот настан, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ја истакна важноста на постојаната професионална едукација за градење модерна и професионална полициска служба. 

-Преку оваа соработка беше поставена основа за модерен и одржлив хибриден образовен систем: развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се обучувачи со високи дигитални компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Идризово, во вредност од околу 350 илјади евра, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува квалитетна и флексибилна едукација, истакнал Тошковски.

Амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја нагласил директната релевантност на проектот за граѓаните. 

-За ОБСЕ, овој проект отсекогаш бил инвестиција во луѓе. Подобра обука значи подобра служба. Преку инвестирање во национална експертиза и модерни алатки за учење, овој проект помага да се изградат сигурни полициски службеници, посилна доверба на јавноста и побезбедни заедници, изјавил амбасадорот Вал.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Петра Дрекслер, ја подвлекла вредноста на силните партнерства при испорачувањето практични резултати кои носат придобивки и за институциите и за граѓаните.

-Со водење сметка за безбедноста на јавноста, спроведувањето на законите и заштитата на основните права на сите граѓани, полиција која добро функционира ја зајакнува довербата во владеењето на правото и државата. Модерна и најнова обука е од суштинско значење за да се постигне ова. Сигурна сум дека нашата германска финансиска поддршка е вредна инвестиција благодарение на силно партнерство, изјавила амбасадорката Дрекслер.

Покрај влијанието на национално ниво, проектот исто така ја поврзува Северна Македонија со регионалните мрежи за полициска обука, вклучително и здружението на полициски академии од Југоисточна Европа поддржано од ОБСЕ, со што се овозможува споделување искуства и кревање на професионалните стандарди во регионот.

-Мисијата на ОБСЕ во Скопје тесно работи со домашните и меѓународните партнери со цел да се зајакне полициското работење преку сеопфатен пристап. Покрај проектот за хибридна обука поддржан од Германија и Норвешка, Финска придонесе за подобрување на полициските простории во Битола и Струмица преку создавање побезбедни простори за интервјуа на жртви на насилство, вклучително и лица кои доживеале семејно и родово базирано насилство. Заедно, овие иницијативи покажуваат како силните партнерства може да испорачаат практични резултати кои ги зајакнуваат институциите и подобро им служат на граѓаните. Мисијата ќе продолжи да го поддржува Министерството во зајакнувањето на професионалните стандарди за полициско работење, придонесувајќи за побезбедни заедници и поподготвено полициско работење по мерка на граѓаните, се вели во соопштението од Мисијата на ОБСЕ.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3