Вести
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара итно донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара итно донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи. Платформата на граѓански организации за борбата против корупцијата изразува сериозна загриженост поради бавниот процес на донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи. Иако Платформата активно учествуваше во работната група формирана од Министерството за правда и беа одржани 15 состаноци и две јавни дебати уште во декември 2023 година, процесот и понатаму неоправдано доцни.
Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија нотира дека Законот за заштита на укажувачите сè уште треба дополнително да се усогласи со ЕУ acquis и да обезбеди соодветни механизми за спроведување. Се предупредува дека индивидуите кои пријавуваат неправилности може да се соочат со вознемирување, отказ или други последици, што ја поткопува ефективноста на Законот. Ова укажува на сериозната потреба од итно донесување на Предлогот на Закон кој е подготвен, но две години не е во процедура за донесување.
Со оглед дека во Програмата за работа на Владата на РСМ за 2025 година во делот Акти и материјали по кои одлучува Собранието на РСМ за месец мај е предложен Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи (Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2025 година страна 32) со кој би се надминале на идентификуваните недостатоци на постојното законско решение, а веќе изминува годината, бараме итно донесување на Законот. Сметаме дека со носењето на вакво законско решение, со кое се подобрува статусот и заштитата на укажувачите како вредна алатка против корупцијата, ќе се пристапи кон подобрување и функционирање на уште еден механизам во борбата против корупцијата, а за што креаторите на политики и носителите на јавни функции искажуваат недвосмислена заложба.
декември 16, 2025


