Свет
Реакција на светските лидери по пукањето на плажата Бонди во Сиднеј на настанот за Ханука
Најмалку 12 лица беа убиени, а 30 повредени во пукање на плажата Бонди во Сиднејза време на настан по повод одбележувањето на еврејскиот празник Ханука, соопштија австралиските власти.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека ова е целен напад врз австралиските Евреи на првиот ден од Ханука.
-Во ова мрачно време за нашата нација, полицијата и безбедносните служби работат на идентификување на сите поврзани со ова злосторство, додаде тој. „Злото што беше ослободено денеска на плажата Бонди е несфатливо“, рече Албанезе, нагласувајќи дека австралиските власти ќе ги користат сите потребни ресурси за да се осигурат дека еврејската заедница во земјата е заштитена и безбедна.
„Австралијците се во длабока жалост вечерва откако насилството поттикнато од омраза го погоди срцето на една иконска австралиска заедница, место кое сите го знаеме и го сакаме, Бонди“, истакна лидерката на опозициската Либерална партија на Австралија, Сузан Лирече.
Британскиот премиер Кир Стармер испрати сочувство до сите погодени од нападот.
„Застрашувачки вести од Австралија. Обединетото Кралство испраќа сочувство до сите погодени од шокантниот напад на плажата Бонди“, рече британскиот премиер.
Премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Луксон нагласи оти е шокиран од ужасните сцени во Бонди.
„Австралија и Нов Зеланд се поблиски од пријатели, ние сме семејство. Шокиран сум од ужасните сцени во Бонди, место кое Новозеланѓаните го посетуваат секој ден“, рече Луксон. „Моите мисли и мислите на сите Новозеланѓани се со оние кои се погодени“ од она што се случи, додаде тој.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио на „Х“ објави дека антисемитизмот нема место на овој свет.
„Нашите молитви се со жртвите на овој ужасен напад, еврејската заедница и австралискиот народ“, напиша Рубио.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова смета дека „тероризмот не може да се оправда на никаков начин“.
„По ужасните вести од Австралија, пукањето врз невини луѓе за време на верски празник е ужасна трагедија, рече Захарова. „Тероризмот не може да се оправда на никаков начин“, додаде таа.
И израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар нагласи дека е шокиран од настанот, посочувајќи дека ова е резултат на „антисемитските немири на улиците на Австралија“.
-Шокиран сум од смртоносното пукање на прославата на Ханука во Сиднеј, Австралија, рече Саар. „Ова е резултат на антисемитските немири на улиците на Австралија во текот на изминатите две години, со антисемитски и провокативни повици за „глобализација на интифадата“, кои денес станаа реалност“, нагласи тој.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен исто така посочи дека е шокирана од нападот и изрази сочувство до семејствата на жртвите.
„Шокирана сум од трагичниот напад на плажата Бонди. Им изразувам искрено сочувство на семејствата и најблиските на жртвите“, рече фон дер Лајен. „Европа стои со Австралија и со еврејските заедници насекаде. Ние стоиме обединети против насилството, антисемитизмот и омразата“, напиша таа на „Х“.
„Немам зборови“, рече Мерц. „Ова е напад врз нашите заеднички вредности. Мора да ставиме крај на овој антисемитизам – тука во Германија и низ целиот свет“, рече германскиот лидер Фридрих Мерц.
Шпански министер за надворешни работи, Хозе Мануел Алварез вели дека е згрозен од „терористичкиот напад во Австралија врз еврејската заедница“.
„Згрозен сум од терористичкиот напад во Австралија врз еврејската заедница. Ја изразувам мојата солидарност со жртвите и нивните роднини, како и со народот и владата на Австралија“, рече Алварез. „Омразата, антисемитизмот и насилството немаат место во нашите општества“, нагласи шпанскиот министер за надворешни работи.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе го осуди нападот и рече дека ова е „срамен чин на тероризам“.
„Шокиран сум од ужасниот напад на плажата Бонди во Австралија за време на еврејскиот празник Ханука“, рече Сторе. „Го осудувам овој срамен чин на тероризам на најсилен можен начин. Им изразувам најдлабоко сочувство на сите погодени од денешниот трагичен напад“, нагласи тој.
И шведскиот премиер Улф Кристерсон е шокиран од нападот.
„Шокиран сум од нападот во Сиднеј насочен кон еврејската заедница“, рече Кристерсон. „Моите мисли се со жртвите и нивните семејства. Заедно, мора да се бориме против ширењето на антисемитизмот“, нагласи тој.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Бегаи изјави дека Иран го осудува нападот во Сиднеј. „Тероризмот и убивањето луѓе каде и да се извршени се отфрлени и осудени“, напиша Бегаи на „Х“.
декември 15, 2025


