Connect with us

Свет

Вигенин: Проширувањето на ЕУ не е приоритет, Унијата прво треба да се справи со внатрешните проблеми

Прашањето за проширување на Европската Унија (ЕУ) во моментов не е меѓу најприоритетните, иако се вложуваат напори. Во овој момент ЕУ е принудена да се справува со голем број внатрешни и надворешни проблеми, изјави европратеникот од групата на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите/Бугарска социјалистичка партија, Кристијан Вигенин, на конференцијата „Иднината на ЕУ: Проширување, безбедност и исполнување на ветувањата“.

Според него, како што пренесува БТА, праксата покажала дека по проширувањето ЕУ излегува посилна, со повеќе можности за граѓаните и за бизнисот. Вигенин посочи дека во моментов има земји кандидати за членство и тешко е да се предвиди која од нив ќе биде подготвена за пристапување. Европратеникот забележа дека најнапред во овој процес се земјите како Црна Гора и Албанија.

– Работата со нив се развива и тие сè повеќе се приближуваат до усогласување на стандардите и следење на заедничките политики, изјави тој, додавајќи дека останува да се види дали самата ЕУ, од своја страна, ќе биде подготвена, бидејќи има два големи предизвика.

Кристијан Вигенин појасни дека двата предизвика се поврзани со финансиите и со институционалната рамка на ЕУ.

– Во предлогот за следниот буџет на ЕУ, кој е од 2028 година, не се очекуваат идни проширувања во рамката од 2028 до 2035 година. Постои клаузула што предвидува преиспитување на буџетот при нови проширувања, но и покрај тоа, овој приоритет не е видлив во следниот буџет, посочи тој.

Во врска со второто прашање, европратеникот нагласи дека дури и во моментов, со 27 земји членки, има потешкотии за ефикасно донесување одлуки и постигнување согласност за основните прашања. – Имаме 27 еврокомесари, ако влезат уште пет-шест земји членки, се поставува прашањето: како ќе функционира таков орган, истакна европратеникот.

– Европскиот парламент вели дека при следните проширувања треба да се примени правилото дека не секоја земја членка ќе има еврокомесар. Треба да се види како идното проширување ќе се одрази на буџетот на ЕУ и на политиките, бидејќи некои земји се релативно мали и нема да претставуваат голем предизвик за Унијата, како Црна Гора и Албанија. Но, со земја како Украина, работите би изгледале поинаку, рече Кристијан Вигенин.

Тој ја посочи и заедничката земјоделска политика во овој случај, имајќи ја предвид површината на Украина. – Треба да се види што се случува и со кохезионата политика. Таа ги усогласува разликите како внатре меѓу регионите во земјите членки, така и меѓу земјите членки, прецизира тој.

Според Вигенин, со одложувањето на приклучувањето на некои земји во ЕУ, постои опасност тоа да ги одврати нивните граѓани од членство и тие да помислат дека не се посакувани во Унијата. Како што рече, во моментов во секоја од тие земји преовладува желбата за членство во ЕУ.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 2